Генералниот известувач на Парламентарното Собрание на Советот на Европа за слободата на медиумите и заштитата на новинарите, социјалистот од Австрија, Стефан Шенах, изрази загриженост за ограничувањата на слобода на печатот во контекст на пандемијата со Ковид-19, јави дописникот на МИА.
„Тековната здравствена криза сериозно го погоди целиот свет, како и земјите членки на Советот на Европа. Пандемијата тешко ги погоди нашите здравствени и економски системи, а огромното мнозинство од населението е со ограничено движење. Во овие исклучителни услови, улогата на медиумите е особено важна. Информациите за еволуцијата на пандемијата треба да бидат прецизни и веродостојни и тие треба да бидат дистрибуирани до јавноста без непотребно одложување. Потребна ни е експертиза, професионализам и критичко размислување на новинарите способни да ја поттикнат јавната расправа при борбата против лажните вести, дезинформациите и манипулациите со мислењата и со тоа да помогнеме да ги водиме луѓето кон одговорно однесување. Во контекст на денешната криза, од клучно значење е слободата на медиумите и безбедноста на новинарите“, вели Шенах во соопштението за печатот.
„Сепак, во голем број наши земји-членки, владите се обидуваат да го обликуваат медиумското покривање на здравствената криза. Под изговор дека сакаат да избегнат лажни информации што можат да бидат штетни за јавниот ред, тие ја спречуваат транспарентноста и ги замолчуваат критичарите. Прашањата кои сметаат или барањето за оправдувања понекогаш доведуваат до казни, полициски истраги и протерување на странски дописници“, рече тој.
Според него „ уште полошо е што во некои земји пандемијата служи како изговор за владите да донесат закони, уредби или решенија што можат да имаат негативно влијание врз слободата на медиумите и ограничувачки ефект врз работата на новинарите, дури и по кризата. Вакви промени во правната рамка се направени во Унгарија, Турција, Азербејџан, Босна и Херцеговина, Романија, Ерменија и Русија“, додава генералниот известувач на ПССЕ.
„Последиците од ваквиот пристап би можеле да бидат сериозни за слободата на печатот. Законодавството донесено во контекст на ургентна ситуација, но без никаква клаузула да ја ограничи неговата примена со текот на времето, може да остане применлива по дискреционо право на постојната власт. Ова е причината зошто јас ги повикувам земјите-членки да се воздржат од ограничување на слободата на медиумите во контекст на оваа здравствена криза. Пандемијата не треба да биде изговор за да се заузда печатот: новинарите мора слободно да ја извршуваат својата мисија правилно и без одложување да ја известат јавноста за управувањето и последиците од кризата“ , заклучи Стефан Шенах.