Полицијата и контраразузнавачите во Малезија почнаа да посветуват поголемо внимание на армискиот кадар, особено по откривањето на неколку случаи во кои се забележани отворени и прикриени симпатизери и пропагатори на идеите што доаѓаат од групата Исламска држава во Ирак и Сирија.
Двајца припадници на малезиската армија минатиот месец се откриени и уапсени поради собирање пари за поддршка на милитанти од Малезија кои се борат или се подготвувале да заминат во Ирак и Сирија.
Во првото официјално соопштение за апсењето на поддржувачите на Исламската држава се наведува дека тие биле заведени од влијанието на социјалните мрежи и од некои пријатели. Меѓутоа, медиумите потсетуваат на укажувањата што доаѓаат од Владата во последните два месеца, во кои се нагласува сериозноста од појавата на зголемено милитантно расположение меѓу помлади Малезијци и барањето во корен да се пресече идејата за создавање исламски калифат во или во близина на Малезија.