Масовните протести продолжија низ Мјанмар, бидејќи демонстрантите го одбија повикот на воениот лидер, генерал Мин Аунг Хлаинг за поддршка на војската.
На Денот на обединувањето, Хлаинг повика на единство. Во телевизиското обраќање Хлаинг истакна дека демонстрантите се „искористени“ и повторно ги замоли да работат во корист на државата.
Војската го одбележи Денот на обединувањето со ветување дека ќе ослободи повеќе од 23.000 притворени лица, меѓу кои и 55 странски државјани.
Демонстрантите и денеска останаа цврсто на барањето веднаш да бидат ослободени избраните претставници на власта, кои се соборени и уапсени на 1 февруари при воен удар, а меѓу нив се наоѓа и премиерката Аунг Сан Су Чи.
Според некои извештаи, полицијата употребила гумени куршуми против демонстрантите во градот Моулмјамин.