Рик Даемс, претседател на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), ги повика денес европските влади строго да ја почитуваат Европската конвенција за човекови права при донесувањето на вонредните мерки при соочувањето со кризата со КОВИД-19, јави дописникот на МИА.
-Ширењето на вирусот„ Ковид-19 “предизвика драматична економска и социјална криза, како и криза за јавното здравје, ширум светот. Европа е меѓу најтешко погодените, вели Даемс во своето соопштение.
Секоја држава, според него, има одговорност да преземе заштитни мерки во случај на итност.
-Таквите ситуации може дури и да бараат рестриктивни мерки што ги надминуваат оние што вообичаено ги одобрува Европската конвенција за човекови права. Но, без соодветни заштитни мерки, ваквите мерки создаваат сериозни ризици за демократијата, човековите права и владеењето на правото.
Конвенцијата, според претседателот на ПССЕ е прилагодлива за сите околности и продолжува да ги регулира постапките на државата, дури и во случај на национална криза. Сепак, член 15 овозможува да се отстапи од одредени права. Но, основните гаранции за владеење на правото, вклучително законитост, ефективна парламентарна контрола, независна судска контрола и ефективни домашни лекови, мора да се одржат, дури и за време на вонредна состојба.
-Ова е прашање на демократски принцип и исто така неопходен услов за довербата на граѓаните во нивните лидери, без кои неопходните мерки не можат успешно да се спроведат, нагласува Даемс.
-Јас би сакал да истакнам дека основниот принцип на пропорционалност ги ограничува мерките што може да се преземат, имајќи го предвид ригорозниот критериум за она што „строго го бара ситуацијата“. Нормалните мерки или ограничувања овластени со Конвенцијата за одржување на јавната безбедност, здравјето и редот мора да бидат јасно недоволни, пред да се одобрат дерогациите и итните мерки. Вонредна состојба што бара отстапување од Конвенцијата мора да биде ограничена во времетраењето, околностите и обемот. Овластувањата за итни случаи можат да се користат само за целите за кои биле доделени, а времетраењето на мерките за итни случаи и нивните ефекти не може да ги надмине оние на вонредната состојба, пишува тој.
Како претседател на парламентарното собрание на Советот на Европа, тој ги повикувам сите земји-членки, а особено нивните парламенти, да:
– ја продолжат својата борба против вирусот „Ковид-19“, во исто време применувајќи ги гаранциите утврдени со Европската конвенција за човекови права;
– постојано да ја разгледуваат потребата од одржување на било каква вонредна состојба и било какви мерки преземени во овој контекст и да се примени претпоставка против продолжување на вонредната состојба на крајот на секој период; и
– да се обезбедат вообичаените проверки и рамнотежи на плуралистичката демократија регулирана со владеењето на правото да продолжат да функционираат колку што е можно, почитувајќи го демократскиот процес и надлежноста на парламентот и локалните власти, независност судството и националните структури за одбрана на човековите права, како и слободите на здружување и изразување, особено граѓанското општество и медиумите.
– Убеден сум дека со тоа, европските нации обединети во рамките на Советот на Европа ќе ја надминат оваа криза, без да се одречат од нашите заеднички вредности, завршува на крајот претседателот на ПССЕ, Рик Даемс.