Државниот обвинител на Малезија денеска соопшти дека не се откриени недозволени активности во врска со сомнежите за злоупотреба на функцијата, по откривањето на околу 700 милиони долари на сметките на малезискиот премиер Наџиб Разак.
Комисијата за антикорупција, според тоа, ќе ја затвори истрагата против Разак.
Малезискиот премиер беше под истрага, од како во јуни минатата година угледниот „Азијан Волстрит Џурнал“ објави документи за трансфери на големи пари на приватните сметки на Разак. Се тврдеше дека тоа се „испрани“ пари што потекнуваат од државниот Фонд за развој, формиран пред четири години, а кој работи со загуби што во 2014 година достигнаа над девет милијарди долари.
Наџиб Разак не откриваше од каде дошле 700 милиони долари, изјавувајќи само дека се тоа донации од пријателски арапски држави од Блискиот Исток, а ја исклучуваше Саудиска Арабија како донатор. Според Обвинителството, поголем дел од парите биле вратени на донаторите.
Премиерот на Малезија го издржа силниот притисок на опозицијата и на дел од неговата партија УМНО, кои бараа тој да поднесе оставка. По објавувањето на скандалот тој ги смени потпретседателот на Владата и државниот обвинител, кои изјавуваа дека детално ќе се испитува од каде се парите на приватните сметки на Разак.
Според малезиското законодавство, нема ограничување на финансиски средства кои партиите и поединци можат да ги добијат како донација од странство.