Заменик премиерот на Лесото, Мотетџоа Метсинг, го презеде радоводењето со Владата, откако премиерот Томас Табане побегна во Јужна Африка, обвинувајќи ја армијата за изведување воен удар.
Табане беше во раскараната коалициска Влада со својот политички ривал Метсинг.
Табане во Јужна Африка побегна уште вчера вечер, откако војската ги опколи неговата резиденција и полициските станици во главниот град Масеру, пренесуваат британските медиуми.
Војската негира дека се обидела да го собори Табане од власта, туку наводно само сакала да спречи полицијата да вооружи извесна политичка фракција во ова мало афричко кралство со два милиона жители, целосно опколено од Јужна Африка.
-Според Уставот, во отсуство на премиерот неговиот заменик го презема раководењето со земјата додека премиерот не се врати, истакна министерот за наука и технологија Селибе Мочобороане.
Односите меѓу партијата „Ал Басото“ на Табане и групацијата „Конгрес за демократија“ на Метсинг се многу лоши, а Табане во јуни го распушти Парламентот за да избегне пратеничко изгласување недоверба.
Заменик премиерот Метсинг во последно време најавуваше формирање нова коалиција која Табане ќе го исфрли од власта.
Според тврдењата на странските дипломати во Масеру, војската на Лесото главно му е лојална на заменик премиерот, а полицијата на одбегнатиот премиер.