Поранешниот малезиски премиер, доктор Махатир Мохамад денеска на својот блог објави дека покренува акција за организирање на референдум на кој „еднаш и за секогаш’’ жителите на Малезија ќе кажат колку веруваат во сегашниот премиер Наџиб Разак.
Доктор Махатир е на чело на здружените опозиционери и граѓански групи кои бараат сегашниот премиер Наџиб Разак да поднесе оставка, поради откриените 681 милиони долари на приватната сметка, .
Во Малезија од ослободувањето од британската колонијална управа, па досега, не е организиран референдум.
Актуелниот малезиски премиер на власт дојде најмногу благодарение на поддршката на доктор Махатир и ја уживаше неговата доверба се до лани, кога угледниот „Азијан Волстрит Џурнал“ објави документи според кои на приватните сметки на Разак има 681 милиони долари.
Весникот објави документи за финансиски трансакции кои укажуваат дека големите пари по низа канали дошле од државниот Фонд за развој на Малезија. Фондот е проект на сегашниот премиер Разак, а во четирите години постоење има загуба од над 10 милијарди долари.
По обелоденувањето на скандалот, премиерот Разак ги смени лицата кои јавно побараа објективна истрага, меѓу нив и потпретседателот на владата и државниот обвинител.
Новонаименуваниот државен обвинител во јануари годинава донесе решение за запирање на истрагата за потеклото на парите на сметките на премиерот. По оваа одлука доктор Махатир ја напушти владејачката партија УМНО и почна да ги обединува политичарите и групите кои сметаат дека премиерот Разак ги злоупотребил парите од Фондот за развој.
На рака им одат и две истраги, покренати во САД и Сингапур, во кои главна тема се патиштата по кои парите стигнале на сметката на малезискиот премиер.