Поранешниот командант на полицискиот „Одред на смртта“ во Јужна Африка, во време на апартхејдот, Еуген де Кок е помилуван после поминати 20 години во затвор.
Во годините на апартхејдот Де Кок беше нарекуван како „првокласно зло“ поради неговата улога во убивањето и бруталното измачување на активистите кои се бореа против власта на белото малцинство.
Операциите на злогласниот „одред на смртта„ се случуваа во Јужна Африка, во осумдесетите и на почетокот од деведесетите години на 20 век.
Јужноафриканскиот министер за правда Мајкл Масута изјави дека Де Кок ќе биде ослободен „во интерес на изградбата на државата и на процесот за помирување“.
Министерот одби да каже кога и каде ќе биде пуштен од затвор омразнетиот полицаец-убиец. Масута само рече дека нема да биде соопштен денот на неговото ослободување.
Еуген де Кок беше уапсен во 1996 година. Судот во Јужна Африка го осуди на две доживотни казни затвор и дополнителни 212 години за сите кривични дела и злосторства што ги има направено кон јужноафриканскиот народ.