Полска: Реизборот на Туск го става под прашање единството на ЕУ

Од:

Одлуката на лидерите на Европската унија да го реизберат Полјакот Доналд Туск за претседател на Европскиот совет го става под прашање единството на Унијата, изјави претставникот на полската владејачка партија Право и правда Беата Мазурек.

– Следува да се прашаме дали ЕУ може да остане обединета и дали оваа ситуација нема да доведе до тоа мислењето на одредени лидери на земјите членки да има слабо значење, нагласи Мазурек.

Полската Влада силно се спротивстави на реизборот на Туск, кој е тесно поврзан со опозицијата на сегашната полска владејачка партија, за претседател на Европскиот совет.

Уште при пристигнувањето во Брисел на средбата на врвот, каде Туск беше утврден за втор мандат, полската премиерка Беата Шидло истака дека е нечуено претседателот на Европскиот совет да биде номиниран без согласност од неговата земја.

Сите останати земји членки гласаа за Туск и Полска остана во целосна изолација за ова прашање. Така неговиот втор мандат стана факт.

– Не гледам како една земја може да биде против одлука, што сите други ја поддржуваат, истакна францускиот претседател Франсоа Оланд.

Во првото обраќање по гласањето на европските лидери вечерва, Туск изјави дека е свесен за „парадоксот“ да биде реизбран за претседател на Европскиот совет и покрај опозицијата на неговата родна земја.

– Вашата денешна одлука сведочи за нашето единство. Ќе работам со секој од вас без исклучок, бидејќи сум навистина предаден на идејата за единствена Европа, нагласи Туск.

Премиерот на Малта Џоузеф Мускат, кој претседаваше на состанокот на врвот на ЕУ, му се обрати на Туск, откако резултатот беше јасен: Вие сте силен човек со силни проевропски верувања и ние сме уверени дека и дури по ова, што се случи денеска, ќе работите со секој од нас.

Задолженијата на претседателот на Европскиот совет вклучуваат раководење со заседанијата на Советот и координирање на работата на земјите членки, така што на меѓународната сцена ќе дејствуваат со колку што е можно поголемо единство.

Би можело да ве интересира

Полски министер за одбрана: Полјаците се огорчени кога гледаат млади Украинци во кафулињата

Горан Наумовски

Полска е подготвена да распореди нуклеарно оружје на НАТО на своја територија

Туск: Полска ќе се приклучи на европскиот систем за воздушна одбрана

Горан Наумовски

Полска: Претреси на неколку локации кои се дел од истрагата за наводна руска шпионажа

Горан Наумовски

Пијан провалил во козметички салон во Полска и заспал, го разбудила полицијата

Ахмети: Александар Дугин, главата на руските политики има партија во Македонија