Трговијата со дрога ја претвора Белгија во нарко-држава, а владеењето на правото е под закана, напиша денес неименуван судија од Антверпен во објава на веб-страницата на белгискиот судски систем, во која побара итна интервенција од федералната влада.
Во писмото, тој предупредува дека огромни мафијашки структури се вкорениле во Белгија и дека криминалот продира во секој дел од белгиското општество, објавува Политико.
Како што рече, огромното пристаниште Антверпен служи како порта за нелегалните дроги да влезат во Белгија и пошироко во Европа.
„Она што се случува денес во нашиот округ и пошироко веќе не е класично криминално прашање. Се соочуваме со организирана закана што ги поткопува нашите институции. Огромните мафијашки структури се вкоренија и станаа паралелна сила што ја предизвикува не само полицијата, туку и судството. Последиците се сериозни: дали еволуираме во нарко-држава? Воопшто не, мислите? Претерано? Според нашиот комесар за дрога, оваа еволуција веќе е во тек. Моите колеги и јас ја делиме оваа загриженост“, напиша истражниот судија во писмото.
Според него, Брисел, главниот град на земјата, е погоден од серија пукотници поврзани со дрога, со повеќе од 60 инциденти само оваа година, од кои 20 се случија минатото лето.
Како одговор на крвопролевањето, белгискиот министер за внатрешни работи, Бернар Квентин, изјави дека сака да распореди војници на улиците на Брисел, а претходно оваа година, белгиската влада го одобри спојувањето на шест полициски зони во Брисел во една единица, кое треба да стапи на сила на почетокот на 2027 година, за справување со неволјата на насилството, објавува порталот.
Во анонимното писмо, судијата дополнително забележува дека нарко-државата се карактеризира со нелегална економија, корупција и насилство, што се услови што Белгија ги исполнува, но исто така и дека мрежите за перење пари ги зголемуваат трошоците за недвижности, корупцијата се пробива во државните институции и дека киднапирањата можат да се нарачаат преку Snapchat.
„Ова поткупување ги проткајува нашите институции. Случаите што ги водев во последните години, а сум само еден од 17-те истражни судии во Антверпен, резултираа со апсења на клучни пристанишни службеници, царински службеници, полицајци, општински службеници и, за жал, дури и вработени во правосудниот систем, како во затворите, така и овде во оваа зграда“, вели судијата во писмото.
