Луксембург ќе стори сé, за министрите за внатрешни работи да најдат компромис по прашањето за миграцијата.
Ова го изјави шефот на луксембургшката дипломатија Жан Аселборн, по денешниот состанок на министрите за внатрешни работи на Вишеградската четворка – В4 (Чешка, Словачка, Полска и Унгарија) и Луксембург и Летонија.
Аселборн призна дека се уште постојат разлики во мислењата за предлогот на Европската комисија за примање на задолжителни квоти од земјите на ЕУ.
– Мислам дека не е можно да се најде решение. Имаме уште 20 часа и можеме да продолжиме во барање на заеднички став, рече Аселборн по состанокот во Прага, јави дописникот на МИА.
Тој додаде дека целта на денешната средба не била да се најде решение, туку тоа ќе се бара утре пред вонредниот Самит на ЕУ во Брисел кој ќе се одржи в среда.
Чешка го одбива планот на ЕК за задолжителна итна прераспределба на 120.000 баратели на азил од три земји на ЕУ кои се соочуваат со најголем бран на мигранти.
При одлучувањето за квотите, може да се случи Чешка и другите противници на предлогот да бидат надгласани. Чешкиот вицепремиер Павел Бјелобрадек не ја исклучи можноста во тој случај земјата да се обрати на европските судови.
Чешката влада тврди дека земјата не е посакувана дестинација за бегалците и мигрантите и ќе биде тешко тие да бидат задржани во Чешка во случај на прераспределба.