По четири години: Американски маринец ослободен од руски затвор во тешка состојба, Трамп му вети чизбургер

Од:

Поранешниот американски маринец Роберт Гилман (32) беше ослободен од руски притвор од хуманитарни причини поради исклучително тешката здравствена состојба.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Гилман беше ослободен по неговиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин, кој одобри помилување без да бара размена на затвореници.

„По моите разговори со претседателот Владимир Путин, Русија се согласи да го ослободи, исклучиво од хуманитарни причини“, напиша Трамп на социјалната мрежа „Truth Social“.

Трамп нагласи дека САД ја ценат оваа одлука и посебно истакна дека Русија не побара никого за возврат, односно дека не станува збор за размена на затвореници. Тој откри и дека кратко разговараше со Гилман, кој имаше само една желба – „одличен чизбургер кога ќе слета“.

Гилман се враќа во Соединетите Американски Држави со специјализиран медицински авион, во придружба на неговата мајка, која претходно отпатува во Русија во обид да го види својот син. Според извори запознаени со случајот, 32-годишниот Гилман е во свесна состојба и може да зборува, но не може самостојно да оди.

Неговото семејство и адвокатите претходно изразија длабока загриженост за неговиот живот, наведувајќи дека бил „на работ на смртта“, откако наводно бил изложен на физичка и психичка тортура. Од организацијата „Global Reach“, која го застапува семејството, минатата недела соопштија дека Гилман западнал во тежок дисоцијативен ступор и дека постоел реален страв оти може да почине во рускиот притвор.

По слетувањето во воздухопловната база „Ендрјус“, во близина на Вашингтон, Гилман најверојатно ќе биде префрлен во американска воена болница во Тексас, каде што ќе му бидат извршени детални медицински и психолошки проценки и ќе продолжи со лекувањето.

Неговата сестра Лекси Хадсон му се заблагодари на претседателот Трамп што, како што рече, „му го спаси животот на нејзиниот брат“.

„Не постои друга причина поради која Роберт денес е жив, освен фактот дека претседателот Трамп слушна за неговиот случај и презеде конкретни чекори“, изјави Хадсон, која му се заблагодари и на демократскиот сенатор Ед Марки за поддршката.

Роберт Гилман беше уапсен во Русија во јануари 2022 година, а подоцна беше осуден на четири и пол години затвор. Руските власти тогаш тврдеа дека во алкохолизирана состојба влегол во конфликт со полицаец. Од друга страна, неговите застапници ги негираа обвинувањата, тврдејќи дека полицајците први го претепале Гилман, по што му се слошило и случајно удрил еден од службениците.

Американскиот државен секретар Марко Рубио го поздрави ослободувањето на Гилман, но потсети дека администрацијата продолжува активно да работи на итно враќање на сите останати неправедно притворени Американци кои сè уште се наоѓаат во руските затвори, меѓу кои Стивен Хабард и многу други.

Би можело да ве интересира

Трамп: Иран е официјално пропадната држава со раководство во хаос

А1он

(ВИДЕО) Украина го нападна Белгород: Двајца загинаа, а 16 лица се повредени

Горан Наумовски

Лавров: Военото присуство на НАТО на Арктикот е директна закана за Русија

(ВИДЕО) САД го нападна Иран, Техеран возврати со напад на американски бази

Горан Наумовски

Иран e на крстопат: Договор со САД или враќање на воената конфронтација?

Песков: Поразот на Украина е сè поблизу со секој изминат ден

Горан Наумовски