Третата доза на кинеската вакцина Синофарм против коронавирус го зголемува нивото на антитела, кои се намалуваат неколку месеци по добивањето на втората доза, покажа студија спроведена во Кина.
Студијата, која допрва треба да биде потврдена од други научници, е објавена во време кога третата доза од вакцината се дава на ризичните групи во Кина, од страв дека заштитата ќе ослабне со текот на времето, пренесе Гласот на Америка.
Пет месеци по повторната вакцинација со Синофарм, нивото на антитела опаѓа за 70 отсто во споредба со нивото достигнато четири недели по втората доза на вакцината, покажа студија во која учествуваа здравствени работници. Но, една недела по третата доза, концентрацијата на антитела повторно се зголемува.