Истрагата утврди дека алжирскиот авион, со 110 патници и шест членови на екипажот се распаднал кога удрил во земјата. Тоа укажува дека е малку веројатно авионот да бил нападнат, соопштија француски претставници.
– Авионот е уништен во моментот на падот, изјави за РТЛ францускиот министер за внатрешни работи Бернар Казнев. Несреќата најверојатно се случила поради лошите временски услови, рече тој, додавајќи оти во овој момент ниту една теорија не може да се исклучи.
Во исто време францускиот министер за сообраќај Фредерик Кувилије наведе дека силниот мирис на нафта од авионот на местото на несреќата и фактот дека остатоците од авионот се на релативно мало подрачје укажува оти причина за несреќата се лошите временски услови или техничките проблеми.
Претходно, Елисејската палата соопшти дека авионот на „Ер Алжери“ кој вчера се урна е лоциран во реонот Госи во Северно Мали, во близина на границата со Буркина Фасо.
– Авионот е јасно идентификуван и покрај тоа што се распаднал. На местото на несреќата се испратени француски војници кои се задолжени за безбедноста и за собирање на првични информации, се посочува во соопштението.
Францускиот претседател Франсоа Оланд изрази сочувство до семејствата на загинатите.
Во авионот имало лица од 16 држави, вклучително и 51 Французин.