Голема промена на времето и заладување зафати дел од Европа и регионот, а во наредните денови се очекува драстичен пад на температурата и во Македонија.
Во дел од Германија веќе падна снег и ги изненади мештаните по екстремно топлите денови.
Цугшпице, највисокиот врв во Германија со 2.962 метри надморска височина, осамна покриен со снег. Од топлите летни денови, планинскиот врв за само пет дена се претвори во вистинска зимска идила.
Во последните 48 часа на Цугшпице, кој се наоѓа јужно од градот Гармиш-Партенкирхен, паднаа 13 сантиметри снег, а денеска наврнаа дополнителни 22 сантиметри.
Според прогнозата утре се очекуваат уште 38, додека на 14 септември снежната покривка ќе биде подебела за 29 сантиметри.
Сите ски-лифтови и патеки во моментов се затворени.
„Па, ова брзо ескалираше. Од летни горештини до зима за пет дена. Не заборавајте дека скијачката сезона започнува на 29 ноември 2024 година“, напишаа на официјалната страница на Цугшпице.
По жешките летни денови кои ја зафатија Европа, дојде до потребното разладување, но веројатно никој не е подготвен за снег.