ОН: Русија и Турција можеби се одговорни за воени злосторства во Сирија

Од:

Русија убиваше цивили во воздушните напади во Сирија, а бунтовниците, турските сојузници убиваа и ограбуваа подрачја под контрола на Курдите и тие злосторства би можеле да се истражуваат како воени злосторства, изјавија денеска истражителите на Обединети нации.

Во извештајот на ОН за периодот од јули 2019 до февруари 2020 година се наведува дека Русија извршила воздушни напади врз пазар и камп за раселени лица, при што се убиени десетици цивили во јули и август минатата година.

– Во двата инцидента, руските воздушни сили не нападнаа некоја специфична воена цел и тоа би можело да биде воено злосторство, бидејќи неселективно вршеле напади врз цивилни подрачја, се наведува во извештајот на ОН.

Во извештајот се обвинува Русија за воздушните напади врз градот Марат ал Нуман на 22 јули 2019 година, при што загинаа најмалку 43 цивили. При нападот уништени се две станбени згради и 25 продавници откако најмалку два руски авиона полетаа во акција од базата Хмеим. Една недела подоцна при напад врз комплексот Хас убиени се најмалку 20 лица, од кои осум жени и шест деца, а 40 се повредени.

Истражителите ги посочуваат и злосторствата направени од бунтовнците, кои се сојузници на Турција, при нивните напади врз региони што се под контрола на Курдите.

– Ако бунтовниците дејствувале под контрола на турските воени сили, командантите би можеле да бидат одговорни за воени злосторства, се истакнува во извештајот.

Извршителите испитуваа и дали Турција извршила воздушен напад врз цивилен конвој во близина на местото Рас ал Аин, каде во октомври минатата година убиени се 11 луѓе. Анкара негира вмешаност во тој напад.

Турција вчера собори два сириски воени авиона над Идлиб и нападна воен аеродром во акција на одмазда за минатонеделните операции на сириската армија, при што загинаа над 30 турски војници.

Истражителите наведуваат дека извештајот е подготвен врз основа на достапни докази, исклучително на сведоштва на очевидци, видео-снимки, снимени податоци и извештаи за летовите, пресретнатите комуникации со пилотите и раните предупредувања.

Би можело да ве интересира

Изгореа 20 станбени и комунални згради во југоисточната руска република Бурјатија

Алаудинов: Ќе го уништиме НАТО до 2030 година

Додик отпатува за Русија

Најмалку пет ракети истрелани од Ирак кон американската воена база во Сирија

Полска е подготвена да распореди нуклеарно оружје на НАТО на своја територија

Загинаа двајца полицајци во напад во Русија