Генералниот директор на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејесус го повика светот да се обедини и да донесе тешки одлуки потребни за да се стави крај на пандемијата на Ковид-19 следната година.
– 2022 мора да биде година кога ќе ставиме крај на пандемијата, изјави генералниот директор на СЗО.
Како што се приближуваат прославите на крајот на годината, Гебрејесус призна дека „сите сакаме да поминуваме време со пријателите и семејството. Сите сакаме да се вратиме во нормала“.
– Но, за да се вратиме во нормала, треба да се заштитиме сега бидејќи случаите на Омикрон, кој многу брзо се шири, се зголемуваат, истакна тој.
Откако за првпат беше регистриран во Јужна Африка во ноември, Омикрон е идентификуван во десетици земји, што ги урна надежите дека најлошото од пандемијата е зад нас.
И покрај показателите дека не е потешка од варијантата Делта – која се уште е доминантна – Омикрон според раните податоци покажа дека е позаразен и загрижувачки отпорен на вакцини.
Со оглед на тоа што бројот на новозаразени многу брзо се зголемува, Тедрос истакна дека е подобро да се откажат настаните „сега и да се слави подоцна отколку да се слави сега и да се тагува подоцна“.
– Сега треба да се фокусираме на ставање крај на оваа пандемија, нагласи шефот на СЗО.
Тедрос инсистира дека е можно да се запре пандемијата, но рече дека ќе треба да се искористат сите алатки кои асе на располагање, почнувајќи од вакцини до носење маски и физичко растојание.
И можеби најважно, светот треба да стави крај на очигледната нееднаквост во пристапот до вакцини.
– Ако сакаме да ставиме крај на пандемијата во наредната година, мора да ставиме крај на нееднаквоста, нагласи тој.
Извршниот директор на германската компанија „Бионтек“, која е еден од производителите на вакцината против Ковид-19 – Фајзер/Бионтек, изјави дека раните податоци за ефикасност на вакцината против сојот Омикрон делуваат „смирувачки“, но предупреди дека вакцините сами по себе нема да ја запрат пандемијата.
Директорот на Бионтек, Угур Шахин, за францускиот весник „Монд“ истакна дека прелиминарните податоци од Велика Британија и Јужноафриканската Република укажуваат на „ефикасност од околу 70 проценти по третата доза и околу 20 до 40 проценти по втората доза“. Шахин, исто така, вели дека чека податоци од реалниот живот за да ја процени точноста на една германска студија која укажува на брзо губење на ефикасноста од околу 25 проценти по три месеци, дури и по примени три дози.
Во Велика Британија 12 лица починаа од сојот Омикрон а 104 се хоспитализирани, изјави министерот за правда, Доминик Раб.
– Знаеме дека (омикрон) се шири многу брзо. Во моментов имаме 104 хоспитализации и 12 починати. Но, поради доцнење во однос на податоците, не знаеме колку сериозно ќе биде тоа, изјави Раб за Радио Тајмс.
Тој додаде дека лицата кои примиле дополнителна доза вакцина против имаат повеќе од 70 отсто заштита, со што ја оправда одлуката за забрзување на кампањата за вакцинација што британската Влада ја донесе пред осум дена.
Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека ги разгледува сите можности да ја држи под контрола варијантата Омикрон на коронавирусот бидејќи ситуацијата во земјата е исклучително тешка, нагласувајќи дека се потребни нови мерки.
– Морам да и кажам на британската јавност, и тоа им го порачувам на сите, дека нема да ја исклучиме можноста за воведување нови мерки за заштита на народот, изјави Џонсон по состанокот со членовите на Владата.
Тој, исто така, истакна дека ситуацијата во земјата е „исклучително тешка“, а бројот на хоспитализирани лица заразени со коронавирусот во Лондон рапидно расте.
Израелските министри одобрија САД и Канада да бидат ставени на списокот на така наречените црвени земји во кои е забрането патувањето на Израелците поради ширењето на сојот омикрон.
Властите во Германија планираат да воведат „лесен локдаун“ од 28 декември, и покрај прелиминарни планови да не ги заоструваат ограничувањата за вакцинираните и оние кои прележале Ковид-19.
Германија планира да ги ограничи приватните собири на максимум 10 лица кои биле вакцинирани или прележале Ковид-19, а истите ограничувања ќе важат и на отворен и на затворен простор, со тоа што децата помали од 14 години ќе бидат изземени од мерките.
Во Словенија бројот на новозаразени лица продолжува да опаѓа, а бројот на хоспитализирани исто така се намалува, но Владата не најавува олабавување на мерките за божиќните и новогодишните празници поради сојот Омикрон на коронавирусот.
Во Грција има потврдени 26 случаи на варијантата Омикрон, но претседателот на Националната организација за јавно здравје на Грција Теоклос Заути предупреди да не се задржува на оваа бројка, бидејќи се очекуваат повеќе случаи.
Заути објасни дека поголемиот број од овие случаи не се поврзани со патување во некоја од земјите каде што е раширен новиот сој.
Организаторите на Светскиот економски форум во Давос објавија дека јануарскиот состанок на Форумот е одложен поради Омикрон варијантата на коронавирусот.