Подгответе се да научите повеќе грчки букви – научниците предупредија дека вртоглавиот напредок на сојот омикрон практично гарантира дека тоа нема да биде последната верзија на коронавирусот што ќе го загрижи светот.
Секоја инфекција му дава шанса на вирусот да мутира, а омикронот има предност во однос на неговите претходници – се шири многу побрзо и покрај тоа што се појавува во време кога глобалниот имунитет од вакцини и претходни болести е зајакнат.
Тоа значи дека има повеќе луѓе кај кои вирусот може да продолжи да се развива.
Експертите не знаат како би можел да изгледа следниот вид или како може да ја формира пандемијата, но посочуваат дека не постои гаранција дека наследниците на омикрон ќе предизвикаат поблага болест или дека постоечките вакцини ќе бидат ефективни против нив. Затоа апелираат за поширока вакцинација, додека денешните вакцини сè уште функционираат.
„Колку побрзо се шири омикронот, толку повеќе има можности за мутација, што потенцијално може да доведе до повеќе варијанти“, изјави за АП, Леонардо Мартинез, епидемиолог од Универзитетот во Бостон.
Откако се појави во средината на ноември, омикрон ја опустоши земјината топка како шумски пожар низ сува трева. Истражувањата покажуваат дека варијантата е најмалку двапати позаразна од делта и најмалку четири пати позаразна од оригиналната верзија на вирусот.
Омикрон е поверојатно од делта повторно да зарази лица кои претходно имале ковид и да „пробие“ кај вакцинирани лица, а истовремено да напаѓа и невакцинирани луѓе. Светската здравствена организација објави рекордни 15 милиони нови случаи на инфекција во неделата од 3 до 9 јануари, зголемување од 55 отсто во однос на претходната недела.
Леснотијата со која се шири новиот вид ги зголемува шансите вирусот да зарази и да се задржи кај луѓето со ослабен имунитет, давајќи си повеќе време да развие моќни мутации.
„Се чини дека подолгите, упорни инфекции се почва за нови соеви. Само кога ќе имате раширена инфекција ќе добиете прилика тоа да се случи“, вели д-р Стјуарт Кембел Реј, експерт за заразни болести на Универзитетот Џон Хопкинс, пренесува српски Блиц.
Поради предизвикување поблаги симптоми во споредба со делта, омикрон ги зголеми надежите дека тоа значи почеток на тренд кога вирусот ќе стане како обична настинка. Тоа е можност, како што истакнуваат експертите, бидејќи вирусите не се шират добро ако брзо го убијат домаќинот.
Но, вирусите не секогаш стануваат помалку смртоносни со текот на времето.
Видот исто така би можел да ја постигне својата главна цел – репликација – ако заразените првично развијат поблаги симптоми, го шират вирусот во интеракција со други и потоа сериозно се разболат.
„Луѓето се прашуваат дали вирусот ќе еволуира во поблага форма. Но, нема посебна причина за тоа. Мислам дека не можеме да бидеме сигурни дека вирусот ќе стане помалку смртоносен со текот на времето“, рече д-р Реј.
Постепеното подобрување во заобиколување на имунитетот му помага на вирусот да преживее подолг период. Кога првпат се појави САРС-КоВ-2, никој не беше имун. Но, инфекциите и вакцините донесоа барем одреден имунитет на поголемиот дел од светот, така што вирусот мора да се прилагоди.
И постојат неколку можни патишта за неговата еволуција.
Животните потенцијално би можеле да инкубираат и да ослободат нови соеви. Домашни миленици, елени и куни од одгледувачниците се само некои од животните ранливи на коронавирусот, кој потенцијално може да мутира кај нив и да скокне назад кај луѓето.
Друг потенцијален начин е дека со омикрон и делта во циркулацијата, луѓето можат да добијат двојни инфекции што може да доведат до, како што рече д-р Реј, „франкенваријанти“ (Франкенштајн + варијанта), хибриди со карактеристики на двата вида.
Кога се развиваат нови варијанти, тешко е да се каже какви би можеле да бидат. На пример, омикрон има многу повеќе мутации од претходните соеви, околу 30 во шилестиот протеин што се врзува за човечките клетки. Но, таканаречената IHU варијанта идентификувана во Франција има 46 мутации и се чини дека не се проширила многу.
Научниците постојано укажуваат на мерките за јавно здравје, како што се маските и вакцините, за да се спречи појавата на нови видови. Иако омикронот е подобар во избегнувањето на имунолошкиот систем отколку делта, вакцините сè уште нудат заштита, а засилувачите значително ја намалуваат веројатноста за сериозна болест, хоспитализација и смрт.
Д-р Реј рече дека вакцините се како оклоп за човештвото, што во голема мера го спречува ширењето на вирусот, иако не го спречува целосно. За вирус што се шири експоненцијално, рече тој, сè што го спречува неговото пренесување може да има голем ефект. Исто така, кога се разболуваат вакцинираните, симптомите им се обично поблаги и инфекцијата поминува побрзо, што остава помалку време за создавање поопасни варијанти.
Експертите веруваат дека вирусот нема да стане ендемичен како грипот се додека глобалните стапки на вакцинација се ниски.
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, рече дека заштитата на луѓето од идните видови – вклучувајќи ги и оние кои би можеле да бидат целосно отпорни на денешните третмани – зависи од ставањето крај на глобалните нееднаквости во однос на вакцините.
Тедрос би сакал најмалку 70 отсто од секоја нација да биде вакцинирана до средината на оваа година. Во моментов, има десетици земји каде помалку од четвртина од населението е целосно вакцинирано, според Универзитетот Џон Хопкинс.
Во меѓувреме, појавата на нови соеви е неизбежна, како што истакна директорот на Институтот за молекуларна вирологија на Универзитетот во Минесота, Луис Менски.
„Со толку многу невакцинирани луѓе, вирусот сè уште има некаква контрола врз она што се случува“, заклучи тој.