Вчера девет лица загинаа во пукање во трговски центар северно од Далас, Тексас. На крајот полицијата го убила и напаѓачот, а жртвите биле на возраст од 5 до 51 година. Еден човек кој од прва рака го посведочил пукањето, изјавил за CBS News дека тој бил еден од првите луѓе на местото на настанот и побрзал да го спаси својот син од продавницата за облека каде што започнал нападот.
Најмалку еден од убиените, рече Стивен Спајнхоуер, е дете, кое очајно се обидел да го спаси откако брзал во H&M каде работел неговиот син. Непосредно пред тоа, околу 15 часот и 30 минути, Спајнхоуер добил повик од неговиот син кој го информирал дека пред продавницата се слушнале пукотници и дека неговиот братучед се уште е заробен внатре.
„Никогаш не замислував дека ќе бидам во позиција каде што ќе бидам првиот на сцената кој ќе се грижи за луѓето“, рече тој, сеќавајќи се како неколку луѓе околу него снимиле видео од телото пред продавницата на неговиот син.
Сè уште неидентификуваниот стрелец е убиен набргу потоа од полицаец некаде во комплексот, кој бил на местото на настанот поради неповрзан повик и слушнал истрели надвор од H&M.
Додека тоа се случуваше, и пред да пристигнат другите полицајци, Спајнхоуер, кој е обучен за прва помош, се обиде да оживее повеќе луѓе погодени од град од огнено оружје, вклучувајќи и тројца за кои рече дека веќе не можело да се спасат.
„Првата девојка кај која дојдов беше стуткана со главата покриена во грмушките, па почувствував пулс, ја повлеков главата на страна и видов дека нема лице“, вели тој за првата жртва на која наишол.
Спајнхоуер се присети дека тогаш пронашол уште едно дете кое го преживеало рафалниот истрел со тоа што било заштитено од неговата мајка, која, според него, била меѓу осумте убиени од напаѓачот.
„Кога ја превртев мајката, тој излезе“, рече Спајнхоуер. „Го прашав дали е добро, а тој рече: „Мајка ми е повредена, мајка ми е болна“.
„Наместо уште повеќе да го истрауматизирам, го повлеков зад аголот и го седнав, а тој беше облеан во крв од глава до пети“, додаде тој, додавајќи дека потоа се јавил на 911.
„Никој не може да го види она што го видовме денес, а да не биде погоден од тоа“, рече тој, додавајќи дека овие настани ќе ги памети засекогаш.