Новиот премиер на Алжир Нуредин Бедуи, денеска нагласи дека ќе формира технократска Влада во која ќе бидат вклучени млади Алжирци кои протестираа за брзи политички промени.
Неговото ветување дадено на прес-конференција во Алжир доаѓа откако претседателот Абелазиз Бутефлика, одлучи да не се кандидира за петти мандат поради масовните демонстрации.
Премиерот денеска изјави дека неговата Влада ќе биде за „кус временски период” и оти ќе ја поддржи работата на „националната конференција за политичка транзиција“, додавајќи дека независна комисија ќе ги надгледува претседателските избори во Алжир. Бедуи беше назначен за премиер во понеделникот, откако Ахмед Ујахија поднесе оставка.
Бутефлика, кој е на власт 20 години и ретко се појавува во јавноста по мозочниот удар во 2013 година, вети дека ќе работи за нова ера која ќе ги задоволи сите Алжирци.
Неговата понуда дојде откако десетици илјади Алжирци неколку недели протестираат за реконструкција на политичкиот систем во кој доминираат ветерани од војната за независност од 1954-62 година.