Толпа од илјадници гневни млади луѓе денеска со камења и шишиња фрлаа по полицијата на булеварот „Хабиб Бургиба“ во главниот град на Тунис, кревајќи барикади во центарот на градот, откако утринава пред својот дом беше убиен опозицискиот левичарски лидер Шокри Белаида, пренесоа француските медиуми.
Најблиските соработници на Белаида за убиството ги обвинија исламистите на власт.
Протести против владеачката исламистичка партија Енада се појавија во повеќе градови, меѓу кои се главниот град Тунис, Мезуна, Гафса, Сиди-Бузид и други, а во нив се нападнати и просториите на Енада, пренесуваат француските меидуми.
Оклопно возило на Националната гарда истрелуваше салви од солзавец, додека демонстрантите употребуваа канти за ѓубре, маси од кафеани, бодликава тел и огради за своите барикади.