Нобеловата награда за мир за 2015 година му беше доделена на Тунискиот квартет за национален дијалог „за неговиот решавачки придонес за изградба на плуралистичка демократија по револуцијата од 2011.“, објави денеска Норвешкиот Нобелов комитет.
Квартетот невладини организации беше формиран летото 2013 година, откако процесот на демократизација на Тунис беше во опасност поради политички убиства и бран социјални протести.
Со објавување на добитникот на Нобеловата награда за физиологија или медицина во понеделникот во Стокхолм почна т.н. „Нобеловата седмица“.
Добитниците на Нобеловата награда за физика беа објавени во вторникот, за хемија во средата, за мир денеска, а за економија во понеделник на 12 октомври.
По желба на Алфред Нобел (1833-1896) наградите кои го носат неговото име се доделуваат за најважните достигнувања во сферата на физиката, хемијата, физиологијата или медицината, за забележителни достигнувања во литературата и за активности во интерес на светскиот мир.
Наградите се доделуваат од комисии на Шведската кралска академија за науките за достигнувања во областа на физика и хемија, од Каролинскиот медицинско-хируршки институт во Стокхолм за физиологија или медицина и од Шведската академија за литература во областа на литературата.
Петчлен комитет, избран од норвешкиот Парламент ја доделува наградата за мир. Во 1968 година е воведена и Нобеловата нагада за економски науки, финансирана од Шведската национална банка.
Првата Нобелова награда е врачена во Сен Тропе во 1901 година, пет години по смртта на Алфред Нобел. Церемониите во Стокхолм и Осло, на кои добитниците ги добиваат наградите традиционално се закажуваат на 10 декември, на годишнината од смртта на Нобел.
Секоја награда може да биде доделена на најмногу тројца номинирани. Таа се состои од златен медал, диплома и парична сума. Од 2012 година поради финансиската криза паричната награда е намалена за 20 отсто на осум милиони шведски круни или 855 илјади евра.