Годината 2016 е најтопла на Арктикот откако во 1900 година почна мерење на температурата, поради што настапи големо топење на мразот и задоцни формирањето на нов мраз есенва.
– Годинава, како ретко досега имавме можност да видиме дека Арктикот испраќа силен и јасен знак на предупредување за непрестано затоплување и за последиците по околината, изјави Џереми Матис, директор на програмата за истражување на Арктикот во Американската агенција за океани и атмосфера (НОАА).
– Забележана е досега највисока просечна годишна температура на воздухот над тлото, се посочува во годишниот извештај за Арктикот, објавен од НОАА.
Во перодот од октомври 2015 до септември 2016 година температурата во просек била поголема за 3,5 степени Целзиусови во споредба со температурата во 1900 година.
Арктикот се загрева двојно побрзо од другиот дел на Земјата и 2016 би можела да биде најтопла година, трета по ред.
Првите мерења на температурата на воздухот во светот почнаа во 1880 година.
Во извештајот, изработен од 61 меѓународен научник, се истакнува дека топлата есен го пролонгирала почетокот на замрзнување на океанот на Арктикот и поттикна поголемо топење на мразот и снегот на Гренланд.
Според НОАА, од средината на октомври до крајот на ноември 2016 година дебелината на арктичкиот мраз била најмала од почетокот на сателитското следење од 1979 година и 28 проценти помала од просекот во 1981 и 2010 година.
Температурата на океанот била поголема од темепратурата на воздухот. Така во август 2016 година била за пет степени поголема од просекот во 1982 година.
– Очигледно е дека рекордните температури на воздухот и океанот есенва го пролонгираа формирањето на мразот, се посочува во извештајот.