Втората фаза од истрагата на несреќата со малезискиот „Боинг-777“ кој се урна покрај Доњецк ќе почне во најскоро време, соопшти комисијата за истрага на причините за падот на авионот.
Прашањето било разгледано на средба на претставници на Холандија, Австралија, Малезија, Украина и Организацијата за безбедност и соработка во Европа.
– Сите земји изразиле готовност за продолжување на ефикасната соработка со цел колку што е можно побрзо да се искористи прекинот на огнот и да почне втората фаза од истрагата со цел таа да заврши до доаѓањето на зимата, се вели во соопштението.
Холандските претставници изјавија дека располагаат со 283 уникатни ДНК профили на загинатите патници и до денска се идентификувани 193-ца од нив.
Најверојатното сценарио за несреќата на малезискиот авион е дека тој бил соборен од земја. Фред Вестербеке од холандското национално обвинителство изјави денеска дека оваа верзија најмногу го привлекува вниманието на иследниците.
Патничкиот авион на Малезиски авиолинии на редовен лет од Амстердам за Куала Лумпур се урна на 17 јули во Доњецката област во источна Украина. Загинаа сите 298 патници, од кои повеќето беа Холанѓани.