Напад врз ученици во родниот град на Малала Јусуфзаи

Од:

Најмалку четири деца се повредени при денешното пукање кон две училишни комбиња во северозападниот дел на Пакистан, во екот на стравувањата дека талибанците ќе се вратат во регионот што некогаш беше под нивна контрола, јави германската новинска агенција ДПА.

Првиот напад се случи во Сват, родниот град на нобеловката Малала Јусуфзаи. Во нападот беше убиен возачот, а два куршума повредија тинејџер.

– Напаѓачите беа на мотоцикл и избегаа од местото на инцидентот. Почнавме потрага со цел да ги уапсиме, изјави за ДПА портпаролот на полицијата во Сват, Мехран Али.

Повредениот ученик не е во животозагрозувачка состојба.

Другиот напад е пријавен во областа Лауер Дир, надвор од Сват. Како што за ДПА појасни Гулназ Кан од полицијата во Лауер Дир, повредени се тројца ученици.

Досега никој не презеде одговорност за нападите во регионот што изминатиот период беше релативно мирен. Се вратија стравовите од прегрупирање на талибанците во областа.

Пакистанските талибанци, кои се поразлични од нивните авганистански колеги, се охрабрија со падот на Кабул в раце на исламистичките милитанти пред една година.

Во август илјадници луѓе одржаа собири повикувајќи ги властите да се соочат со милитантите, по извештаите дека тие повторно се собираат во Сват.

Според пакистанската војска, извештаите се преувеличени и даваат погрешна идеја, иако во планините е забележано присуството на мал број вооружени лица.

Талибанските милитанти изминатите години бомбардираа и запалија стотици училишта, особено за девојчиња, во области што тие некогаш ги контролираа во близина на авганистанската граница.

Талибанците за малку ќе ја убиеја Јусуфзаи поради залагање за образование на девојчињата во Сват, каде милитантите владееја меѓу 2007 и 2009 година, пред да бидат истерани во воена офанзива.

Храбрата кампања на младата Јусуфзаи ѝ донесе неколку светски почести. Во 2014 година, на 17-годишна возраст, таа стана најмладата добитничка на Нобелова награда.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Пакистан: Пет војници загинаа во напад на воен објект

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Во Пакистан ненадејно падна снег, загинаа најмалку 35 лица

Исламската држава ја презеде одговорноста за експлозиите во Пакистан

Пакистан е веќе нуклеарна сила: Никој нема увид што изработува и колкава опасност може да предизвика

А1он

(ВИДЕО) Пакистан изврши ракетни напади на територијата на соседен Иран

Горан Наумовски

ВИДЕО: Нуклеарно вооружените Пакистанци се закануваат со одмазда за нападот од Иран