Последната жива аргентинска поларна мечка во заробеништво, ќе остане таму и покрај петицијата која ја потпишаа половина милион луѓе барајќи да биде префрлена во Канада.
Директорот на Зоолошката градина Мендоза во западнот дел на Аргентина рече дека на 28 години старата мечка е премногу стара за да биде безбедно префрлена.
Борците за правата на животните наведуваат дека мечката Артуро нервозно се движи во заробеништво во бетонот и оценуваат дека страда од депресија. Покрената е кампања мечката да се префрли во зоолошката градина во Винипег, што во Канада е прифатено.
Петицијата која е упатена на аргентинската претседателка, Кристина Фернандес за преместување на Артуро до денеска ја потпишаа над 500.000 луѓе.
Директорот на Зоолошката градина рече дека Артуро страда од болест типична за староста поради што преместувањето е опасно затоа што ќе треба да биде под седативи во текот на патот.
Аргентинските ветеринари заклучија во февруари дека Артуро би требало да остане во Мендоза, на што се противат Гринпис и други еколошки организации, наведувајќи дека температурата која достигнува 30 степени во лето е опасна за поларната мечка.
Последната поларна мечка во Буенос Аирес почина во декември во 2012 година за време на топлотниот удар.