Во авионската несреќа во Алжир загинаа најмалку 257 лица, јави АФП, повикувајќи се на државната алжирска телевизија, додека Би-Би-Си јавува за 247 загинати.
Медиумите шпекулираат со бројот на загинатите, бидејќи се уште нема податоци за смртниот биланс од официјален извор.
Локалната приватна телевизиска станица „Енхар“ објави дека во инцидентот загинале 181 лице. Претходно беше јавено дека во несреќата животите ги загубиле околу 200 лица, за потоа смртниот биланс да се намали на 105 лица.
Според алжирските медиуми, воениот транспортен авион Ил-76 патувал кон селото Башар, но се урнал во една нива неколку минути по полетувањето од воената база во Буфарик. Веднаш по уривањето, авионот се запалил. Би-Би-Си јави дека според објавената снимка, на местото на инцидентот се надвива густ чад, а опашката од авионот се назира меѓу маслиновите дрвја.
Меѓу загинатите има 26 припадници на движењето Фронт Полисарио, кое се бори за независност на самопрогласената Сахарска Република на територијата на цела Западна Сахара, која делумно е под контрола на Мароко, изјави претставник на алжирскиот владејачки Фронт за национално ослободување.
Портпаролот на алжирската Управа за цивилна заштита изјави дека авионот требало транзитно да слета во Тиндуф, во југозападниот дел на земјата, каде живеат многу бегалци од соседна Западна Сахара.
Според алжирските медиуми, во авионот имало петмина војници и претставник на алжирската Централна банка.
Локалните власти на терен испратија околу 130 припадници на единицата за цивилна заштита, 14 амбулантни возила и 10 противпожарни возила.