Тајландските власти вчера започнаа со ископување на телата од најмалку 30 гробници во прашумата во граничниот простор со Малезија. Силниот дожд денеска ја попречи работата на специјалните спасувачки и полициски одреди, а според сознанијата добиени по ископување на првите седум тела, се работи за емигранти од Мјанмар и Бангладеш.
Масовните гробници се откриени од како двајца емигранти успеале да избегаат од кампот каде што организаторите на илегална трговија со луѓе ги чувале жртвите во кавези од бамбус. Избеганите жртви, кои според сознанијата во логорот биле околу два месеца биле прегладнети и тешко заболени.
Пограмичната зона меѓу Тајланд и Малезија е одамна позната како „собирен центар’’ на илјадници илегални емигранти, но и тоа што најголем дел од жртвите прво платиле за да бидат доведени до тука и биле превземани од друга група трговци со луѓе кои, наместо да им обезбедат премин преку границата, барале нивните семејства да платат откуп за да можат да се вратат дома.
Според тајландските медиуми, најголем број од десетиците илјади илегални емигранти што се упатуваат кон Малезија се од Рохингја муслиманското малцинство што живее во Мјанмар. Припадниците на ова племе, според оценка на Обединетите Нации, се меѓу напрогонуваните малцинства на светот, а нивните обиди со оружје да обезбедат дел од човековите права армијата на Мјанмар жестоко ги запира.