Специјално формираната руска комисија што го истражуваше падот на „Боингот-777“ на компанијата „Малезија Ерлајнс“ на територијата на источна Украина, во денеска објавениот извештај, обвини украински пилот дека го соборил патничкиот авион.
Во извештајот се вели дека Комисијата што ја водела истрагата „има нови докази“ добиени од еден сведок, како и дека располга со сателитски снимки кои укажуваат дека „Боингот“ на летот МХ17 бил соборен од „украински воен авион“.
Сведокот не е именуван, но за него се вели дека работел на воен аеродром во Дњепропетровск и дека видел како воениот авион кон „Боингот“ истрелува ракети воздух-воздух.
Во својот извештај, Комисијата оенува дека сведочењето на овој човек е „важен доказ за тоа дека украинската армија била вклучена во соборувањето на малезискиот авион“.
Московскиот весник „Комсомолскаја правда“ направи интервју со нединтификуваниот сведок, кој снимен од грб, раскажува како украински „Сухој-25“ полетал со две ракети, а подоцна се вратил без нив. Тој верува дека пилотот на „Сухојот“ можеби бил во заблуда кога ги истрелал ракетите, а можеби тоа го направил и за да се одмазди, пукајќи во погрешен авион.
Авионот на „Малезија Ерлајнс“ леташе од Амстердам за Куала Лумпур по редовниот коридор над источна Украина, кога се урна. Вкупно 298 патници од 11 земји и членови на екипажот загинаа во овој трагичен воздухопловен инцидент.
Властите во Киев и Западот веднаш ги обвинија проруските сепаратисити, кои од април годинава контролораат голема територија во тој дел од Украина, дека го собориле авионот. Подоцна беше обвинета и Русија. затоа што „ги снабдува бунтовниците со ракетите Бук“. Западните медиуми тврдат дека една од нив го соборила малезискиот авион.
Извештајот на руската Комисија се појавува на денот кога киевските власти и сепаратистите во Минск зад затворени врати преговараат околу постигнувањето потрајно примирје.