Мистеријата околу малезискиот Боинг кој исчезна на 8. март, се пробуди овој викенд откако се испостави дека манифестот за летот, во кој требаше црно на бело да бидат откриени сите податоци за патниците, товарот и слично, не е целосен.
Податокот за 239 патници и членови на екипажот не се променил, но откриено е дека во утробата на леталото се наоѓал преку два тони непознат товар.
Според директорот на Малезија Ерлајнс Ахмад Јахји, во авионот имало нешто повеќе од четири и пол тони егзотично овошје, како и пратка литиумски батерии со вкупна маса од 200 килограми, која се наоѓала во посебен дел од контењерот.
Неговите тврдења, кои ги изнесе уште кон крајот на март на една прес-конференција, не одговараат со сега објавениот манифест, во кој ниту една пратка не тежи 200кг.
Во манифестот пишува дека компанијата NNR Global на леталото ставила 133 идентични предмети со вкупна маса од 1.99 тони и уште 67 предмети со маса од 463 килограми, што дава вкупна маса од 2.4 тона, или 2.2 тона повеќе од она што го спомена Јахја.
Притоа не се наведува за какви предмети станува збор, но јасно е дека бројките не се поклопуваат со податокот кој го изнесе шефот на авиокомпанијата.
Под претпоставка дека еден дел од предметите претставуваат литиумски батерии, останува мистерија што се останатите предмети.
Во Малезија Ерлајнс претходно наведоа дека со батериите имало полначи и друга „радио опрема“, но со оглед на разликите во бројките, се појавува сомнеж во вистинитоста на тие тврдења.
Од друга страна, познато е дека во авионот меѓу патниците имало 20 луѓе вработени во тексашка компанија која произведува високотехнолошки компоненти за системи за вооружување и авијација.
Се појавија и теории кои токму таа група патници ја поврзуваат со споменатата „радио опрема“, која можеби би можела да биде искористена за „невидливо“ слетување на авионот на некоја неоткриена локација.