Специјалната мини подморница „Блуфин-21“ денеска го заврши третиот обид за потрага по малезискиот авион во јужниот дел на Индискиот Океан.
Двата претходни обиди се откажани поради технички проблеми на мини подморницата, која е во сопственост на американската морнарица.
Сите податоци што подморницата ги собра моментално се анализираат, но резултатите до кои дојде од првите два обиди не покажуваат ништо значајно, наведува Би-Би-Си.
Подморницата го пребарува делот на Индискиот Океан каде се регистрирани сигнали за кои се верува дека се од црната кутија на исчезнатиот авион.
Австралискиот премиер Тони Абот денеска во интервју за „Волстрит џурнал“ изјави дека властите нема да ја прекинат потрагата за авионот МХ 370, што исчезна на 8 март со 239 патници и членови на екипажот.