Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) од денеска почнува со празнување на 150-годишнината од своето создавње, посочуваат француските медиуми.
МКЦК е најстарата активна хуманитарна организација во светот.
Во овие 150 години Црвениот крст реагираше во многу драматични ситуации. Понекогаш не успеваше, но на крајот успеа да се адаптира и да се развие, за да одговори на многуте нови и итни потреби, посочуваат агенциите.
Според експертите, причините за успехот на МКЦК имаат корен прво во спецификата на моделот на организацијата, создадена во 1863 година од филантропот Анри Динан, правникот Густав Моание, лекарите Луи Апиа и Теодор Моноар, и генерал Гијом-Анри Дифур.
Моделот е на меѓународен комитет за укажување помош на ранетите, што придобива универзално значење. Тоа го разликува од другите добротворни организации од тоа време.
Брзо се оформуваат и другите принципи на работа на комитетот, вклучувајќи ја и неговата прославена неутралност.
Големи организациски промени во комитетот се случуваат за време на Првата светска војна. Тогаш персоналот на МКЦК расте од дванасетина лица на 120.
Во 1918 година во комитетот за прв пат стапнува на работа жена – Рене Маргарит Крамер.
Во тоа време МКЦК се адаптира кон новите методи на водење на судирите, како употребата на гас на пример, како и кон таквите конфликти, како граѓанските војни, револуциите и востанијата.
По завршувањето на Првата светска војна се појавува Лигата на друштвата на Црвениот крст, основана во 1919 година на иницијатива на американскиот Црвен крст. Кон неа се присоединуваат Црвените крстови на Велика Британија, Франција, Јапонија и Италија и тоа за малку ќе доведеше до крајот на МКЧК.
Нешто слично имаше и по крајот на Втората светска војна. За време на вториот глобален конфликт, МКЦК бележи чекор напред во средствата и методите на дејствување. Но војната остава и темна страница во историјата на организацијата, која го почитува молчењето за прашањето за злосторствата на нацистите и концентрационите логори.
Во 1991 година МКЦК потпишува спогодба со која организација доби имунитет и дипломатски права.
Во МКЦК денеска работат 12.000 лица, а неговиот буџет е 1,2 милијарда долари.