Меѓунардоната заедница апелира за смирување на тензиите во турско-сириските односи

Од:

Високиот претставник на Европската унија за надворешни работи и безбедност Кетрин Ештон го осуди вчерашниот минофрлачки напад од Сирија врз турскиот град Акчакале.

– Остро го осудувам вчерашниот напад на сириските сили врз турскиот пограничен град. Веднаш ги повикувам сириските власти под итно да стават крај на насилството и во целост да ги почитуваат територијалниот интегритет и суверенитет на сите соседни држави, посочи Ештон.

Таа ги повика Анкара и Дамаск на воздржаност.

– Апелирам за воздржаност на сите страни и ќе продолжам внимателно да ја следам ситуацијата, нагласи Ештон.

Инцидентот на сириско-турската граница, во кој загинаа турски граѓани, „може да има последици за целиот регион“, изјави денеска претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) Жан Клод-Мињон.

– Сите страни во конфликтот треба да се откажат од ескалација на насилството, а исто така строго да го почитуваат меѓународното право, рече Мињон.

Тој ги осуди убиствата на цивили во Турција и го оцени инцидентот како неприфатливо нарушување на суверенитетот на земјата.

– Тоа е последниот и најсериозен од неколку слични инциденти, што се случија на турско-сириската граница, додаде Мињон.

Растечката напнатост меѓу Сирија и Турција ќе биде разгледана на средба на министрите за одбрана на НАТО на 9 и 10 октомври, јавија дипломатски извори во Брисел.

За Франција сирискиот напад врз турскиот пограничен град Акчакале е сериозна закана за глобалната безбедност и мир.

– Тоа прекршување на меѓународното право е сериозна закана за глобалната безбедност и мир. Меѓународната заедница не може да прифати дека сирискиот режим продолжува да извршува слични акти на насилство на своја територија и надвор од своите граници, изјави шефот на француската дипломатија Лоран Фабијус.

Тој нагласи дека Франција ја поддржува Турција и ја повика меѓународната заедница, посебно Советот за безбедност на Обединетите нации брзо да упатат категорична порака до Дамаск.

Одговорот на Турција по сирискиот минофрлачки напад е разбирлив, но треба да се избегне ескалација на тензиите, изјави шефот на британската дипломатија Вилијам Хејг.

Тој вчерашниот инцидент во Акчакале го оцени како „срамен случај“.

– Сирија треба да гарантира дека нема да повтори такви случаи, посочи Хејг.

Британскиот министер за надворешни работи посочи дека инцидентот уште еднаш покажал дека потребно е брзо мировно решение во Сирија и оти неопходно е формирање на преодна влада.

Иран, кој е сојузник на режимот во Дамаск, ги повика Сирија и Турција да покажат воздржаност по нападот врз Акчакале, нагласувајќи оти инцидентот може да прерасне во поголем конфликт.

– Иран апелира до двете страни да покажат воздржаност, да спроведат истрага за инцидентот и да согледаат кои се целите на непријателот во регионот, изјави иранскиот заменик-министер за надворешни работи Хосеин Амир Адбилахиан.

Тој наведе дека во регионот дејствуваат вооружени екстремистички и терористички групи.

– Безбедноста во регионот зависи од засилената контрола на границите околу Сирија, посочи Адбилахиан.

Во синоќешниот напад врз Акчакале беа убиени петмина цивили. Како одговор на тоа турската армија изврши артилериски напади врз сириски позиции во реонот на сирискиот град Тал ал Абјад, на околу 10 километри од границата со Турција.

Во нападот на турската аримија загинаа најмалку петмина сириски војници загинаа, а повеќе од 15 се повредени.

Би можело да ве интересира

Најмалку пет ракети истрелани од Ирак кон американската воена база во Сирија

ВИДЕО: Експлозија на пазар во Сирија, најмалку седуммина мртви и 30 повредени

Израел нападна сириски град, 38 загинати

ВИДЕО: Израел го нападна Дамаск

Британски специјалци под истрага за воени злосторства во Сирија

Катерина Ѓуровски

Ирански полковник загина во израелски воздушен напад врз сириски пристанишен град