Медведев им се закани на граѓаните на ЕУ: „Мирниот сон заврши“

Од:

Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, испрати остра порака до граѓаните на Европската Унија, тврдејќи дека нивните влади еднострано влегле во војна со Русија.

„Граѓани на земјите од ЕУ, мора да разберете дека вашите власти еднострано влегоа во војна со Русија. Затоа, бидете внимателни и не дозволувајте ништо да ве изненади. Завршено е со мирниот сон. И знаете кого да прашате зошто!“, напиша Медведев.

Пораката на Медведев доаѓа во време на зголемени тензии меѓу Русија и НАТО, откако руски дрон удри во станбена зграда во романскиот град Галаци, недалеку од границата со Украина, во текот на ноќта. Во експлозијата и пожарот што следеше, 52-годишна жена и нејзиното 14-годишно дете беа повредени, а 70 жители беа евакуирани од зградата. Романските власти објавија дека станува збор за дрон од типот Геран-2 од руско потекло и го опишаа инцидентот како сериозно кршење на романскиот суверенитет и воздушен простор.

Поради инцидентот, романскиот претседател Никушор Дан свика состанок на Врховниот совет за одбрана и најави решителен одговор, додека Министерството за надворешни работи ги информираше Европската Унија и НАТО.

Поддршка за Романија испратија бројни западни претставници, вклучувајќи ја претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, високата претставничка на ЕУ Каја Калас, генералниот секретар на НАТО Марк Руте и амбасадорот на САД во НАТО Метју Витакер, кој рече дека Алијансата ќе го брани „секој квадратен сантиметар од територијата на НАТО“.

Досега Москва официјално не се огласи за својата одговорност за инцидентот. Рускиот претседател Владимир Путин, според државната агенција ТАСС, е свесен за настанот, но Кремљ сè уште не издаде подетално соопштение.

Во исто време, руските претставници продолжуваат со својата остра реторика кон Европската Унија. Медведев на тој начин потврди дека европските земји „еднострано отишле во војна со Русија“ и ги предупреди граѓаните на ЕУ да се подготват за последиците од таквата политика.

Би можело да ве интересира

Поранешен шеф на МИ6: „Траен мир во Украина е невозможен додека Путин е на власт“

Бескрестнов: Украина ќе ги зголеми нападите врз Русија на 1.000 дневно

Кушнер: Трамп е решен да види крај на војната меѓу Русија и Украина

Лавров: Западните обвинувања за руска вмешаност во инцидентот во Лајпциг се почеток на вистинска војна

Нови руски удари врз Украина: Загинати и повредени во Дњепропетровската област

Русија удри во „срцето“ на украинската металургија

Горан Наумовски