Малезиските власти го прогласија за безбеден терминалот број два на меѓународниот аеродром во Куала Лумпур, каде полубратот на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, Ким Џонг-нам беше убиен на 13 февруари со моќната невротоксична материја Ве-Икс.
Екипи од локалната цивилна заштита со бели заштитни одела детално го прочистуваа терминалот цела ноќ, откако малезиските власти објавија детали за убиството.
Резултатите од аутопсијата потврдија дека нервниот гас Ве-икс (ВX) предизвикал мошне тешка парализа, која го усмртила Ким Џонг-нам на аеродромот во Куала Лумпур, изјави вчера малезискиот министер за здравство, Субраманијам Сатхасивам.
Резултатите на државната Служба за хемиски анализи ги потврдија наодите на болничката аутопсија дека нервниот гас предизвикал тешка парализа, која ја предизвикала смртта на Ким Џонг-нам во мошне кусо време, рече министерот.
ОН оваа високотоксична материја без мирис и боја ја смета за оружје за масовно уништување.
Двете жени, осомничени за убиството, тврдат дека била измамени. Според уапсената Сити Ајшах таа била измамена дека учествува во снимање на смешни видео инсерти.
Малезиската полиција соопшти дека таа го отрула Ким Џонг-нам, што се гледа од снимките на безбедносните камери. На снимките се гледаат две жени како се приближуваат до Ким Џонг-нам, при што сакаат да муи фрлат нешто во лицето. Тој почина на пат до соседната болница.