Подрачјето на Индискиот Океан каде се регистрирани звучни сигнали не е тоа каде што се урнал малезискиот авион со летот 370, по кој се трага уште од 8 март, соопштија денеска австралиските власти, на крајот на долготрајната поводна потрага.
Австралискиот Здружен центар за координација на агенции наведе дека потрагата во таа зона со помош на мини-подморници сега е завршена. Трагањето со подморници почна во почетокот на април кога се детектирани првите звучни сигнали.
Во соопштението на Центарот се наведува дека австралиската Канцеларија за безбедност на сообраќајот објави препорака тоа подрачје сега да се отфрли како место на падот на MH370.
Австралискиот брод „Океански штит“, кој ја носи американската мини-подморница ја напушти зоната на потрага по пребарување на 850 квадратни километри на океанот во потрага по исчезнатите во авионот со 239 патници и членови на екипажот.
Центарот прецизираше дека операцијата за трагање по авионот сега ќе влезе во нова фаза во која ќе биде вклучена софистицирана опрема за да се скенира океанското дно и да се дефинира зоната на потрага.
Авионот MH370 исчезна на 8 март на летот од Куала Лумпур до Пекинг.