По објавувањето на шест минутната видео снимка на која исламските екстремисти на групата Абу Сајаф повикуваат на поддршка на радикалите од Исламската држава, полицијата во Малезија прогласи нависок степен на готовност.
Пораката лично ја соопшти новиот шеф на Абу Сајаф, Иснилон Хапилон, за кого е распишана потерница со награда од пет милиони долари.
Снимката, најверојатно, е направена во камп на џихадисти лоциран на југот на Филипините, а 48-годишниот лидер на Абу Сајаф носи маска на лицето. Тој порача дека најголемата акција за ангажирање на нови борци во Ирак и Сирија ќе се спроведува во малезиската провинција Сабах, која се наоѓа на островот Борнео.
Покрај Малезија, на висок степен на подготвеност за борба против исламистичките радикални групи се и полициските сили во Индонезија и на Филипините, а во Сингапур делува специјален корпус за откривање на радикалите од таа држава и нивните илегални врски за трансфер на регрутираните борци на страна на Исламската Држава.
Началникот на малезиската полиција Калид Абу Бакар навестувајќи акција на полициите на неколку држави од регионот, беше категоричен во тврдењето дека на тлото на Малезија нема да биде дозволено да се формираат ќелии за поддршка на ИД, а уште помалку да им се овозможи простор за делување на заговорниците на формирање на слични калифати во регионот.