Малезија денеска донесе одлука со која исчезнувањето на авионот МХ370 и официјално го прогласи за „несреќа“, а патниците и членовите на екипажот за погинати, што е чекор кон отворање на можноста за исплаќање отштета.
– Со тешко срце и со длабока тага, во име на Владата на Малезија официјално летот МХ370 на „Малезија ерлајнс“ го прогласуваме за несреќа, изјави шефот на цивилното воздухопловство Азхарудин Абдул Рахман во телевизиското обраќање, пренесоа француските меидуми.
„Сите 239 патници и членови на екипажот на летот МХ370, како што се претпоставува, го загубиле својот живот“, рече тој.
Официјалната одлука исчезнувањето на авионот, на 8. март минатата година, да се прогласи за несреќа ќе даде можност семејствата да тргнат понатаму и да добијат отшета од авиокомпанијата, рече Азхарудин.
Меѓутоа, семејствата и пријателите на патниците и членовите на екипажот од исчезантиот авион имаат сомнежи во врска со тоа, наведуваат француските медиуми.
Партнерката на Филип Вуд, кој се наоѓал на летот МХ370, Сара Бајц смета дека „тие лажат“.
-Многу веројатно е авионот да се урнал. Но нема докази и се додека нема докази ние едноставно не им веруваме, рече таа, мислејќи на малезиската Влада и авиокомпанијата, наведоа француските медиуми.
Авионот исчезна на летот од Куала Лумпур до Пекинг и претставува една од најголемите воздухопловни мистерии.
Малезиските власти соопштија дека сателитските податоци укажуваат на тоа дека авионот неочекувано отстапил од маршрутата кон оддалечениот јужен дел од Индискиот Океан, што, како што се сомневаат, може да биде предизвикано од „намерна„“ акција во авионот.
Потрагата по исчезнатиот авион, како што наведувата светските агеници, беше најскапата во историјата.