По неколкуте анкети на јавното мислење, според кои, најмалку половина жители на Малезија не веруваат во официјалните соопштенија на Владата во врска со исчезнатиот малезиски „Боинг-777“, малезискиот премиер Наџиб Разак во изјава за Си-Ен-Ен најави дека идната недела ќе биде објавен првиот прелиминарен официјален извештај за несреќата.
Наџиб изјави дека извештајот веќе е испратен до Меѓународната цивилна воздухопловна управа ИКАО.
На вчерашниот брифинг во Куала Лумпур малезискиот министер за транспорт Хишамудин Хусеин соопшти дека Владата одобрила формирањето на меѓународна Комисија за истрага во врска со исчезнатиот авион на летот кон Пекинг. Министерот одби да одговори на прашањето дали е валидна опцијата според која „Боингот-777“, кој исчезна на 8 март, илегално слетал во некоја азиска држава.
Официјален Пекинг, кој поради големиот број Кинези кои биле патници на исчезнатиот авион не го крие своето незадоволство од досегашните резултати на истрагата, соопшти дека во работата на меѓународната истражна комисија ќе соработува во согласност со постоечките меѓународни конвенции.