Парламентот на Малезија по скратена постапка ќе усвои дополнувања на законот за антитероризам, со кои полицијата ќе добие овластувања и без пресуда подолго време да ги држи во притвор лицата осомничени дека се вклучени во радикални милитантни групи.
Премиерот на Малезија Наџиб Разак денеска, во говор пред претставници на полицијата, изјави дека новите закони не смеат и нема да се употребуваат за пресметка со политички неистомисленици.
Малезија, особено нејзините погранични зони со Филипините и Индонезија, се смета за држава со реална опасност за избувнување на поголеми вооружени судири со десетина радикални исламистички групи, кои дури најавуваат и формирање „калифати“ слични на оној што го прогласи групата Исламска држава во Ирак и Сирија.
Од логори, сместени на југот на Филипинскиот Архипелаг и во индонезиските прашуми, радикални исламисти често делуваат и на територијата на Малезија. Најагресивни се припадниците на групата Абу Сајаф, источноазиско крило на Ал Каеда, кое добива финансиски средства и оружје од Блискиот Исток, а финансиите ги дополнува и со големи уцени з киднапирани бизнисмени и странски туристи.
Малезискиот премиер Наџиб повторно ги повика соседните држави, Филипините, Индонезија и Сингапур да организираат заедничка антитерористичка полиција и повеќе да соработуваат во откривањето и спречувањето на групите што регрутираат борци за Исламската држава.