Малезискиот политичар Махатир Мухамед (92) е на пат да стане најстар светски лидер, по неочекуваната победа на опозицијата во Малезија.
Мохамед, кој веќе беше премиер на Малезија, се врати од пензија и се придружи на опозицијата за да ја преземе функцијата премиер од својот поранешен штитеник Наџиб Разак, кој е осомничен за корупција.
– Да, се уште сум жив, изјави Мухамед на прес-конференција и дополни дека неговата коалиција нема да протежира реваншизам, туку владеење на правото.
По прогласувањето на резултатите, Наџиб изјави дека ќе ја прифати „пресудата на народот“. Тој е осомничен дека зел 700 милиони долари од Првиот малезиски пензиски фонд Берхаб. Наџиб ги негира тврдењата, а Фондот е под истрага на неколку странски земји. Тој се товари дека се обидел да ја уништи истрагата за случајот.
По ваквите обвинувања, Мухамед во 2016 година премина од партијата Барисан Насионал во опозициската партија Пакатан Харапан, наведувајќи дека се срами да биде поврзан со партија која поддржува корупција.
Во јануари годинава тој најави дека повторно ќе се кандидира за премиер. Сепак и покрај историската победа на опозицијата, неговиот избор за претседател на владата се уште е неизвесен со оглед на тоа дека ниту една партија ни коалиција не освои мнозинство.
Според официјалните резултати од изборите, опозициската коалиција „Сојуз за надеж“ обезбеди 113 од 222 места во Парламентот.