Француската државна секретарка за европски прашања, Натали Лоазо, која учествува на министерскиот совет во Брисел, за МИА изјави дека Франција сака да биде поприсутна на Балканот, но дека за пристапните преговорите со Северна Македонија „не треба да се брза“.
Натали Лоазо идниот вторник ќе ги посети Србија и Македонија по прв пат.
-Се разбира среќна сум што одам во Северна Македонија по последниот позитивен развој на настаните. За мене е важно да се оди во овие земји кои имаат европска перспектива, затоа што имаат европска историја, географија и цивилизација, што не значи дека треба да се брза со преговорите, треба прво Европа да се реформира, треба овие земји да еволуираат, да одат во добар правец, вели Лоазо.
Сепак, Лоазо смета дека Европската Унија не смее да ги испушти земјите од вид.
-Ако им кажеме дека треба да одат во тој правец, треба и да ги придружиме и тоа ќе го сторам, надевајќи се и дека Франција ќе биде поприсутна на Балканот отколку што беше во последните години, рече Лоазо за МИА.