Линчување во Африка

Од:

Дојче веле – Бон

Крадци се каменуваат, обивачи се претепуваат на смрт; во многу земји во Африка граѓаните се почесто го земаат законот во свои раце. Насилството расте, бидејќи на полицијата повеќе никој не и верува.

Дописникот на Дојче веле Ерик Понда помислил дека се е готово и дека ќе умре. По една репортерска задача минатата година, тој бил на пат за дома. Одеднаш почнале проблеми со возилото. Понда сакал да се паркира покрај патот. Ненадејно се појавил еден пешак. Со возилото го допрел по левата нога. Ерик Понда веднаш запрел. И избило насилство.
„Гневни луѓе веднаш истрчаа од своите куќи, ме удираа, ми ја украдоа опремата од автомобилот. Но, потоа наиде едно полициско возило, тоа беше мојот спас. Ако не беше полицијата тие би го запалиле моето возило, а можеби и мене‟ – вели дописникот на Дојче веле. Тој го пријавил нападот, но ништо не се случило. „Не можеш да докажеш кој го направил тоа‟ – вели Понда. Во регионот околу Момбаса, такви напади постојано се случуваат, раскажува тој.

Над 500 жртви годишно

Во 2011 година кениската полиција првпат во својата статистика почнала да ги бележи неделата од категоријата „линчување‟. Службениците евидентирале 543 жртви. Во Уганда 582 луѓе смртно настрадале поради линчување во 2014 година. Тоа во просек е 1,6 луѓе дневно. Во Малави разуларените толпи по наводите на ОН во изминатите неколку месеци на ужасен начин биле убиени 16 лица.

Во Јужноафриканската Република постои и посебен израз („да се стави ланче‟) за постапка кога гневни граѓани на веројатен чинител на некое недело околу вратот му бесат автомобилска гума наполнета со бензин и потоа ја палат. Такви случаи се случуваат повеќе пати секоја година. Во опасност се наоѓаат дури и политичарите. Во април гневна толпа луѓе на сила го одвлекле пратеникот Букала Саракија на еден пазар во нигерискиот главен град Абуји. Му ја искинале облеката и по неговото тело напишале навредливи пароли. Причина за нападот: општествените медиуми јавиле дека сенаторот илегално се збогатил.

„Колективното казнување го јакне чувството на заедништво‟

Но, зошто нормалните граѓани одеднаш стануваат убијци? Криминологот од Универзитетот во Кејп Таун, Гаил Супер, смета дека виновни се социјалните проблеми и јазот меѓу богатите и сиромашните. „Линчувања многу често има посебно во сиромашните и неслужбените населби, таму каде и кражбата е голема закана за егзистенцијата‟ – вели Супер. „Не смее да се заборави дека колективното казнување го јакне чувството на заедништво‟, тврди таа за ДВ. Со нападите луѓето сакаат да покажат дека во нивната заедница не се толерира криминал, додава Супер.

Многу жители на Африка линчувањето го сметаат за ефективно средство на борба против криминалот отколку сопствената полиција. Во цела низа земји нема доволно луѓе за борба против тоа. Во Нигерија на пример: судејќи според пишувањето на медиумите, нигерискиот шеф на полицијата Соломон Арасе неодамна се пожалил дека во сојузната држава Нигер има помалку од 8.000 полицајци. Тоа од прилика значи еден полицаец на 494 жители.

Освен тоа полицијата во повеќето земји во Африка е на глас дека е корумпирана и демотивирана. „Многу луѓе не веруваат на полицијата и се сомневаат дека службениците воопшто можат нешто да направат против високата стапка на криминал‟ – вели Лизете Ланкастер во интервју за ДВ. Таа ја води истражувачката група „Криминалот и правото‟ при Институтот за студии за безбедност во ЈАР.

Таму законите не важат

Најнепрегледна е состојбата во големите градови. „Полицијата често стигнува предоцна, на пример кога некоја група ќе ја најде жртвата. Луѓето таму живеат во простори во кои не важат законите‟ – вели Ланкастер. Освен полицијата, таму недостасува и традиционални авторитети, кои би можеле да се погрижат околу правата и редот.

Дописникот на ДВ Ерик Понда нема добра слика за полицијата по се што доживеал. Иако додуша поради безбедност полицијата ја разбила гневната толпа, потоа ништо не се презема. „На крај, може да се случи да изгубиш се, твојот имот, твоето возило, па и твојот живот‟ – вели Понда. Од тогаш низ Момбаса се вози со нелагодно чувство. 

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Нереални сцени: Во Африка падна снег

Се повеќе Европејци имаат необични миленици, издадено е предупредување дека се опасни

А1он

(ВИДЕО) Навивачка погина во стампедо: Тажен епилог на хаосот пред мечот во Мароко

Предраг Петровиќ

САД ќе и дадат 55 милијарди долари на Африка во следните три години

Ана Ололовска

ЕУ и четири земји-членки ќе ја помогнат адаптацијата на Африка на климатските промени

Ана Ололовска

Фондацијата Гејтс ќе додели 1,4 милијарди долари за помош на земјоделците во Африка и Азија

Ана Ололовска