Лидерите од Г-20 ветија климатска неутралност до или околу средината на овој век

Од:

Лидерите од Г-20 денеска направија компромис и се обврзаа дека ќе достигнат нулта емисии на јаглерод „до или околу средината на векот“, на крајот од дводневниот самит во Рим, кој треба да ги постави темелите за климатската конференција на ОН во Глазгов.

Според финалната изјава, лидерите од групата 20 индустриски најразвиени земји во светот и земјите во развој се согласиле да го укинат јавното финансирање на производство на електрична енергија од јаглен надвор од нивните земји, но не поставија цел за постепено отстранување на јагленот, што е јасен знак за најголемите загадувачи со јаглен, Кина и Индија.

Групата од 20 земји, кои се одговорни за повеќе од три четвртини од емисиите на стакленички гасови, повикаа на заеднички јазик и силни заложби за тоа како да се намалат емисиите, а истовремено да им се помогне на сиромашните земји да се справат со ефектите од зголемените температури.

Преговарачите од Групата 20 работеа во текот на ноќта, а разговорите продолжија утрово со надеж дека ќе се постигне консензус за конечната изјава, изјавија двајца европски претставници, кои сакаа да останат анонимни, пренесува Бета.

Италијанскиот премиер Марио Драги на завршните работни сесии им порача на лидерите дека е неопходно да се постават долгорочни цели и да се направат краткорочни промени за да се постигнат тие цели.

– Треба да го забрзаме исфрлањето на јагленот и повеќе да инвестираме во обновливите извори на енергија. Исто така, треба да се погрижиме мудро да ги користиме достапните ресурси, што значи дека треба да бидеме способни да ги приспособиме нашите технологии, како и нашиот начин на живот на овој нов свет, рече италијанскиот премиер.

Францускиот функционер соопшти дека лидерите постигнале договор за сè уште неостварената цел за обезбедување 100 милијарди долари годишно за помош на посиромашните земји за справување со последиците од климатските промени, како и за заедничката цел глобалното затоплување да не надминува 1,5 степени Целзиусови.

Пресвртна точка беше крајниот рок за постигнување јаглеродна неутралност. Домаќинот Италија призна дека единствено било можно да се постигне договор за нулта емисии на штетни гасови само до „средината на векот“, но не и до која година конкретно.

Иднината на јагленот, клучен извор на емисии на стакленички гасови, беше една од најтешките работи за кои Г-20 требаше да постигнат договор.

Западните земји се дистанцираа од финансирањето на производството на јаглен во земјите во развој, а големите азиски економии сега го прават истото: кинескиот претседател Си Џинпинг минатиот месец на Генералното собрание на ОН објави дека Пекинг ќе престане да финансира такви проекти, а Јапонија и Јужна Кореја направија сличен потег претходно годинава.

Кина, меѓутоа, не постави краен рок за запирање на изградбата на електрани на јаглен на своја територија.. Јагленот сè уште е главниот извор на електрична енергија во Кина.

Би можело да ве интересира

Ердоган до лидерите на Г20: Исполнете ги барањата на Русија

Предраг Петровиќ

Г20 има нова членка

Групата Г20 и даде на Африканската унија ист статус како и на Европската унија

Блинкен: Не планирам да се сретнам со руски и кинески министри на самитот на Г-20

Ана Ололовска

Индија и Кина прават притисок на Г20 во соопштението за Украина да го нема зборот војна

Земјите од Г20 усвоија конечна декларација во која се критикува војната во Украина