Кралот на Малезија денеска упати отворена порака до членовите на Парламентот во која бара да прекинат политичките интриги во државата.
Кралот Абдул Халим Муадзам Шах порача дека „превртувањето на вистината, отворените непријателства и клеветите во политичкиот врв на Малезија опасно го доведуваат во прашање опстанокот на државата“.
Кралската порака доаѓа како последица на одлуката на поранешниот премиер Махатир Мохамад да ја напушти владејачката партија УМНО и да собира поддржувачи на барањето за смена на актуелниот премиер Наџиб Разак.
Политичката ситуација во Малезија зовре од како лани беа обелоденети документи за околу 700 милиони долари на сметките на премиерот Разак.
Угледниот „Азијан Волстрит Џорнал“ објави документи според кои парите на сметките на Разак по разни патишта дошле од државниот Фонд за инвестирање. Разак тврди дека тие пари биле донација на богати симпатизери од Арапскиот полуостров, го смени тогашниот државен обвинител, а новиот обвинител ја запре истрагата.
Против сегашниот премиер се обединуваат партии чие членство е од различни националности, а се придружија и највлијателните граѓански организации од Малезија.