ВИДЕО: Конгресот ја потврди победата на Бајден, Трамп вели дека мирно ќе ја предаде функцијата

Од:

Конгресот на САД, каде вчера беше прекинато пребројувањето на гласовите од Изборниот колеџ поради упадот на приврзаниците на претседателот Доналд Трамп, денеска со 306 гласа за и 232 против, ја потврди победата на Џо Бајден на претседателските избори во земјата, отворајќи го патот тој да биде инаугуриран како следниот американски претседател.

Конгресната седница за броење на гласовите на Изборниот колеџ што го прогласи поранешниот потпретседател на САД Џо Бајден за победник на претседателските избори во САД, продолжи откако полицијата ги отстрани демонстрантите од зградата, околу 17:30 часот по локално време.

По денешните вести од Конгресот, се огласи и актуелниот претседател Доналд Трамп, кој најави мирно предавање на власта на 20 јануари.

„Иако целосно не се сложувам со исходот на изборите, а фактите ме поддржуваат во тоа, ќе има мирна транзиција на 20 јануари. Секогаш велев дека ќе ја продолжиме нашата борба за да се осигураме дека само легалните гласови се бројат. Ова е крај на најголемиот прв мандат во претседателската историја, но исто така е само почеток на нашата борба да ја Направиме Америка Повторно Голема,“ рече Трамп во изјавата, која ја пренесе неговиот помошник за социјални медиуми, Ден Скавино, поради тоа што профилот на Трамп на Твитер е блокиран од вчеравечер поради „повици за насилство“.

Американските медиуми вчера јавија дека вработените во Конгресот, во метежот предизвикан од упадот на демонстрантите, ги зеле кутиите со гласовите на Изборниот колеџ и ги однеле на безбедно, што овозможило да не се загрози уставно пропишаната постапка за потврдување на резултатите.

Насилството на демонстрантите поколеба дел од републиканските сенатори кои планираа да ги поддржат приговорите на нивните сопартијци од Претставничкиот дом на резултатите од претседателските избори во повеќе држави и со тоа да се иницира постапката на пропишаната двочасовна дебата на одделни седници на двата дома на Конгресот.

Конгресот ги отфрли приговорите за резултатите од изборите во Аризона по двочасовна дебата во двата дома на Конгресот, по што стана очигледно дека републиканците во Претставничкиот дом останаа без поддршка од партиските колеги во Сенатот по штро пропаднаа обидите за оспорувње на изборната победа на Бајден во Невада, Мичиген и Џорџија и не се одржаа расправи, а процесот на потврдување на изборните резултати беше забрзан.

– Се што можам да кажам е да не сметаат на мене. Доста е, рече републиканскиот сенатор Линдзи Греам во говорот во Сенатот откако демонстрантите беа отстранети.

Тој наведе дека Џо Бајден и Камала Харис се легално избрани и ќе станат претседател и потпретседателка на САД на 20 јануари.

Во своите говори во Конгресот, сенаторите објаснија дека токму насилството врз демократијата ги поттикнало да се откажат од поддршката за приговор на резултатите од изборите.

Би можело да ве интересира

Трамп: Апсењето на студенти во Њујорк „беше убаво за гледање“

Земјотрес со јачина од 4,1 степени според Рихтер го погоди Лос Анџелес

(ВИДЕО) Полицијата во САД усмрти ученик пред училиште откако доби информација дека има пиштол

Хамас: САД вршат притисок да го прифатиме договорот со Израел

А1он

Вучиќ за негодувањето на САД што нови министри се на американската црна листа: Тоа е изборот на граѓаните на Србија

Предраг Петровиќ

Трамп ги коментираше сведоците за време на судењето, па беше казнет со 9.000 долари