Климатските промени: Седум факти кои треба да ги знаете

Од:

Национална географија – Вашингтон

Науката ни помага да ги сфатиме климатските промени и што можеме да направиме околу тоа.

На луѓето е дадена исклучителна моќ: моќ да ја променат целата Земја заради сопствена корист. Ако таа моќ не ја искористиме мудро, тоа ќе донесе неизмерна штета за седум милијарди луѓе и безброј други видови. Успехот би можел да донесе неизмерна корист. Климатските промени не се мит, измама или заговор меѓу научниците. А напорите во борбата против климатските промени не се трик на политичарите желни за моќ, туку епохална потрага која не вклучува сите нас. Додека расправаме за тоа во која насока да тргнеме, добро е да се присетиме на фактите кои не тераат на ова патување.

1. Светот се затоплува

Жештините во 2016 година го урнаа историскиот рекорд поставен во 2015 година, кој исто така го надмина рекордот од 2014 година. Ланската глобална просечна површинска температура, собрана од мерења од илјадници метеоролошки станици, била 0,94 степени Целзијусови, повисока од просекот во 20 век. Сателитите кои ја сондираат атмосферата исто така забележале јасна тенденција на загревање.

2. Ние сме причината

Ел Нињо придонесе за ланските рекордни температури со тоа што привремено ја ослободи топлината од Пацификот. Но, ниту една природна причина не ја објаснува 50-годишната тенденција на затоплување. Количината на топлината од Сонцето циклично се намалува и расте секои 11 години; вулканските ерупции спорадично ја ладат планетата. Во меѓувреме, гасовите со ефект на стаклена градина кои ги емитуваат луѓето постојано го задебелуваат покривачот кој ја задржува топлината на Земјината површина.

3. Сигурни сме во тоа

Статистички кажано, 9 од 10 климатолози се согласни: емисијата CO2 го предизвикува глобалното затоплување. Знаеме за ефектот од стаклената градина уште од 19 век. Шведскиот физичар Сванте Аренијус во 1896 година дури предвидел дека CO2 кој се ослободува со согорување на јаглен ја загрева планетата. Тој тоа го видел како нешто добро, а за тоа колку лошо ќе биде, може да се дебатира. Но, вистинито е и опасно е.

4. Мразот се топи

Минатото лето големиот крузер Crystal Serenity пловел преку Северозападниот премин, во кој немало мраз. Во деновите по тоа истражувачите кај Островот на кралот Вилијем го откриле одамна изгубениот потонат брод H. M. S. Terror, од британската експедиција на Сер Џон Френклин, кој се заглавил во мразот во 1846 година, додека се обидувал да го најде тој премин. Арктикот драстично се затоплил, а неговата замрзната покривка станала тенка и се намалила. Губењето на мразот го забрзува затоплувањето бидејќи темниот океан ги впива сончевите зраци, наместо мразот да ги рефлектира назад во вселената.

Истопениот морски мраз не го покачува нивото на морето, тој веќе е во морето, но топењето на копнениот мраз од 20 до 23 сантиметри од 1900 година придонесува за нагол пораст на поплави долж брегот. Во текот на супер бурата Сенди, на пример поплавите и ветерот предизвикаа 68 милијарди долари штета на источниот брег на Соединетите Држави.

Голема закана е мразот на Гренланд и Антарктикот. Таму има доволно мраз што со топењето може да го покачи нивото на морето за 70 метри, а тој мраз се топи. Изгледа дека, кога Земјата би била само малку потопла, пред 125.000 години, би исчезнал многу мраз: нивото на морето би било од 6 до 9 метри повисоко. Таквиот пораст до денес би ги потопил крајбрежните градови.

5. Времето станува жешко

Во ризичната игра на нашите временски прилики климатските промени се тие кои ги фрлаат коцките. Тие не предизвикуваат одредена суша или бура, но прават такви настани помалку или повеќе веројатни, а кога станува збор за топлотните бранови, многу веројатни. Необичниот топлотен бран во 2003 година кој во Европа уби околу 70.000 луѓе, требаше да биде појава која се повторува на секои 500 години; на моменталното ниво на климатските промени такви појави се јавуваат на секои 40 години, пишува во една студија објавена минатата година. Само во Париз, открило тоа истражување, климатските промени биле причина за 506 смртни случаи во 2003 година.

Ако таа тенденција продолжи, се тврди во друга неодамнешна студија, луѓето во Персискиот Залив можеби до крајот на векот ќе бидат соочени со многу екстремно топли денови, такви што ќе биде опасно да се излезе од дома.

Не е проблем само жештината; глобалното затоплување предизвикува поголема влажност на воздухот, така што ја извлекува влагата од копното и морето. Каде што нема дожд, сушите стануваат се полоши. Кога врне или паѓа снег, поверојатно е дека тоа ќе биде екстремно. Не е толку јасно како климатските промени влијаат на ураганите и другите тропски циклони. Но загревањето на морињата, од кое бурите ја црпат енергијата, веројатно ќе ги направи уште пожестоки и ако не бидат толку чести.

6. Животинскиот свет страда

Освен на белата мечка, препознатливо арктичко животно, климатските промени го загорчуваат животот на уште многу други животни. Научниците во 2016 година објавиле дека исчезнал последниот глодар Melomys ribicola од еден низок остров во австралискиот Торесов мореуз, како жртва на промените кои се предизвикани од растот на нивото на морињата. Сигурно ќе има уште такви случаи. Растот на температурата притиска некои растителни и животински видови, терајќи ги кон половите, менувајќи ги миграциите и однесувањето.

Бројот на Аделијските пингвини на Антарктичкиот полуостров нагло се намалува. Големата спрутка, арктичка крајбрежна птица, станува се помала. Губењето на мразот ги тера илјадници моржови на копното на Аљаска. Цели области се преобразуваат: планинските екосистеми од Карпестите планини од швајцарските Алпи истиснати се од планинските врвови.

Натпросечната температура на морето во изминатите неколку години покрена избелување на коралите и изумирање на коралните гребени во светот.

Има и такви на кои новата состојба ќе им оди во прилог. За сега тоа се грбавите китови, чии популации цветаат во водите покрај Антарктикот, ослободени од мразот. Морските ежови исто така се покажаа отпорни. Но, климатските промени не се единствена закана која се поголемата човечка популација ја донесува на другите видови; ние исто така ги намалуваме и уништуваме нивните природни живеалишта.

Некои видови ќе се прилагодат на промените кои не се во склад со нивниот свет, но колку од нив и колку долго?

7. Можеме нешто да направиме

Слободните пазари се фалени поради своите резултати. Во ова поврзано време постои и нешто како слободен пазар на идеи. Поради тоа прашајте се: Ако климатските промени не се толку голема опасност, дали 195 земји би го потпишале Парискиот договор, обврзувајќи се дека ќе се обидат да го задржат глобалното затоплување под 2 степени Целзијусови?

Иако во сенка на новата закана на американската администрација дека ќе се повлече од договорот, тој стои како еден знак за надеж. Графиконот доле прикажува дека цената на соларната енергија нагло паѓа. Дури и без данок на емисијата на CO2 што е најефикасен начин за одвикнување на стопанството од употребата на фосилните горива, обновливите извори на енергија наскоро можат да станат поефтин извор на струја. Обновливите извори на енергија во светот беа заслужни за над половина нови енергетски капацитети во 2015 година. Соларната енергија во САД сега вработува се повеќе луѓе од јагленот, нафтата и гасот заедно.

Напуштањето на фосилните горива е само почеток. Секоја ситница е важна: секој тон CO2 кој го емитуваме топи три квадратни метри од арктичкиот мраз, стои во една студија од 2016 година.

Помага секоја зграда која штеди енергија и секој хектар зачувана шума. Но, ништо од тоа нема многу да помогне ако светот наскоро не се префрли на енергија која не вклучува јаглен.

Би можело да ве интересира

Земјата соборува глобални рекорди за топлина десетти месец по ред

(ВИДЕО) Сонда на НАСА со примерок од астероидот кој има најголеми шанси да удри во Земјата, успешно слета

А1он

(ВИДЕО) Климите од Арсовска ги нема: Граѓаните на плус 40 се возат со отворени врати

Орце Костов

ОН: Озонската обвивка постепено се обновува

Ана Ололовска

Денеска почнува зимата

Ана Ололовска

Еуметсат лансира нов европски метеоролошки сателит

Ана Ололовска