Австралиското биро за безбедност на сообраќајот денеска испрати предупредување до Индонезија, според кое е многу веројатно остатоци од исчезнатиот малезиски авион, кој леташе на релација Куала Лумпур – Пекинг и мистериозно исчезна ноќта на 8 март, може да се појават на брегот на некој остров во индонезискиот архипелаг.
Претпоставката е направена по последното сателитско лоцирање на исчезнатиот авион, за кој со голема сигурност се тврди дека, доколку се урнал, се наоѓа на дното на Индискиот Океан, меѓу Австралија и Индонезија.
Во последното, досега најобемно истражување на морското дно, каде што се претпоставува дека се наоѓаат остатоците на исчезнатиот авион, од планираните 6.000, од 3 октомври досега испитани се 1.200 квадратни километри. Најсовремено опремени бродови и подморници досега не открија трага, а истрагата продолжува.
Малезија, Австралија и Кина се договорија на највисоко ниво истрагата по авионот, во кој имаше 239 патници и членови на екипажот, да трае се до решавање на една од најголемите мистерии во воздушниот сообраќај.