Лидерот на албанските џихадисти во Сирија, Лавдрим Мухаџери и официјално се најде на листата на лица по кои трага Интерпол.
Како што јави дописникот на МИА, податоците за Мухаџери, име, презиме и фотографија се објавени на официјалната страница на меѓународната полиција.
– По него трагаат властите кои се под мандатот на УНМИК (Косово), стои во соопштението на Интерпол.
Мухаџери го бараат косовските власти за да му се суди за учество во терористички групи и потикнување екстремизам. Лавдрим Мухаџери (25). кој е познат под името „командат Мухаџери“, лани беше избран за командант на Албанците кои се дел од исламистичка група во Сирија, блиска до Ал Каеда.
Кон крајот на август беше објавена вест на курдска телевизија дека тој е убиен од борците на Курдската работничка партија (ПКК), а потоа арапските медиуми објавија и фотографии на застрелан џихадист за кој се тврди дека е токму Мухаџери. Неговите соборци меѓутоа на своите профили на фејсбук, демантираа дека Мухаџери загинал.