Досега само осум европски земји ги имаат озаконето хомосексуалните бракови и во своите закони за семејно право ги изедначуваат истополовите со браковите меѓу мажите и жените.
Во таа група на земји се Норвешка, Шведска, Данска, Исланд, Холандија, Белгија, како и две доминантно католички држави – Португалија и Шпанија.
На почетокот од оваа недела „зелено светло“ со мнозинство гласови, даде и Парламентот на Велика Британија, па по комплетирањето на парламентарната постапка, Англија и Велс исто така ќе бидат меѓу оние земји каде бракот повеќе не се третира само како заедница на маж и жена.
Во Единбург, најавуваат дека во Парламентот на Шкотска „многу брзо“ ќе се гласаи за шкотската верзија на еден ваков закон.
Приврзаниците на менување на досегашните закони за брак, како и бројните либерални организации, велат дека станува збор само за „изедначување“ на правата на луѓето, објаснувајќи дека не е важно кои се луѓето и кого тие сакаат, важно е дека сите треба да се еднакви.
Основата на бракот е љубовта и посветеноста на две лица кои се сакаат. Па од сега тоа право на брак повеќе нема да им се забранува на луѓето само затоа што се хомосексуалци, изјави британскиот заменик-премиер Ник Клег, лидер на патијата Либерални демократи и голем поборник за „еднаквост“ во законот за брак.
Тој процес, меѓутоа, надвор од Европа оди многу бавно. Во Северна Америка, ваквата измена во брачното законодавство е направена само делумно. Таа е застапена во САД, Канада и Мексико, но само во некои сојузни држави . Во Јужна Америка геј бракови се озаконети само во Аргентина, додека на „црниот континент“ ваков закон има само во Јужна Африка.
Во некои земји каде се легализирани хомосексуалните браковите, на овие двојки им е дозволено и да посвојуваат деца. Целиот процес почна во 2001 година, кога холандските власти дозволија „цивилно партнерство“, односно регистрирање на хомосексуалните двојки пред матичните служби.